Што е мецена?

669

Фото: Pixabay

Гај Килние Мецена бил римски поет, политичар и богат човек, кој како таков бил покровител на поетите. Имал потекло од угледно аристократско семејство и бил голем поддржувач на различни уметници.

По него е добиен и изразот – мецена, што означува лице кое без проблем дава финансиска поддршка на уметници, спортисти или научници.

Низ историјата, мецените најчесто биле аристократи, богати владетели, трговци, земјопоседници кои имаат углед, моќ и богатство. По оваа активност била посебно позната италијанската династија Медичи, чиј двор бил центар на најдобрите уметници, книжевници и филозофи од своето време.

Мецените се разликуваат од останатите богатите луѓе по тоа што се подготвени да помогнат и финансиски да поддржат талентирани и надежни луѓе кои се исклучително успешни во својата област.

Вообичаено овој епитет го добиваат успешни менаџери, бизнисмени, претприемачи, лица на влијателни позиции… кои одвојуваат финансиски средства за да поддржат некој млад уметник, спортист, научник, истражувач, талент… Нивниот пат до успехот без поддршка од мецените би бил многу потежок и многу потешко би ги надминувале предизвиците со кои се соочуваат.