Што е опортунитетен трошок?

1934

vrati-pixabay

Фото: Pixabay

Секојдневно се соочуваме со ситуации во коишто треба да донесеме одлука, да избереме една од повеќе опции. При донесување на одлуката влијаат многу фактори што ќе пресудат дали ќе се одлучиме за првата, втората, третата алтернатива… Обично се анализира изборот преку вредноста што се добива, а не и кој е трошокот што го повлекува со себе.

Опортунитетниот трошок ја покажува загубената корист што настанува во овие ситуации кога изборот за една опција во исто време значи отфрлање на втората или третата алтернатива. Симплифицирано, опортунитетен трошок е она од што треба да се откажете за да добиете нешто друго.

Имајќи предвид дека ресурсите се ограничени, од таа причина носењето правилна одлука е вистински предизвик. Поради тоа, менаџерите и претприемачите треба точно да знаат во кој правец се движат и дали таа опција што ќе ја одберат ќе значи поголема ефикасност и ефективност во работењето.

Пример за тоа што претставува опортунитетен трошок: една компанија има деловен простор што во тој момент не го користи. Доколку реши дел од производството да го пренесе во тој објект, наемнината за тој објект што би ја добивала на месечно ниво од некоја друга фирма претставува опортунитетен трошок.

Овој вид на трошок произлегува од приликите што се пропуштаат, кога компанијата се обидува да ги искористи ресурсите на најефикасен начин.