Добивте или дадовте отказ од работа? Не заборавајте на отказниот рок, којшто е детерминиран и предвиден во Законот за работни односи.
Според членот 88 од овој закон, ако работникот го откажува договорот за вработување, отказниот рок е еден месец. Со договорот за вработување или со колективниот договор може да биде договорен подолг отказен рок, меѓутоа не подолг од три месеци.
Од друга страна, доколку работодавачот го откажува договорот за вработување на поединечен работник или на помал број работници, отказниот рок е еден месец, а два месеца во случај на престанок на повеќе од 150 работници или 5% од вкупниот број на работници кај работодавачот пред престанок на работниот однос.
Ако работодавачот го откажува договорот за вработување на работник на сезонска работа, тогаш отказниот рок е седум работни дена.
Отказниот рок, според законот, започнува да тече наредниот ден од денот по врачување на одлуката за отказ на договорот за вработување.
Законодавецот предвидел и дека работодавачот и работникот можат да се договорат за паричен надоместок наместо отказен рок. Ако е постигнат договор за паричен надоместок наместо отказен рок, работодавачот е должен паричниот надоместок на работникот за целиот отказен рок да му го исплати со доставување на отказот, со денот на престанокот на работниот однос.
За време на отказниот рок, работодавачот е должен да му овозможи на работникот отсуство од четири часа во текот на работната недела заради барање на ново вработување. За тоа време, работникот има право на надоместок на плата, согласно колективниот договор.
Фото: Freepik