Што е претприемништво?

5171

prazno-stolce-pixabay

Фото: Pixabay

Претприемништво е деловна активност насочена кон создавање нова вредност преку создавање нови производи или услуги на пазарот. Секоја претприемничка приказна започнува со идеја, желба, мотив и потреба за капитал… Еден или повеќе претприемачи може да ги здружат своите сили, искуство, знаење и капитал за да остварат одредена заедничка цел што ќе им носи профит на долг рок.

Претприемништвото претставува процес преку којшто се создава нешто ново и корисно, за коешто е неопходно вложување многу време, напор и финансии. Овој потфат го води поединецот или тимот и кон ризици коишто (не) може да се предвидат. Од таа причина, претприемач е секој поединец кој има идеја или визија за развој на производ или услуга, а во исто време и храброст да ризикува за да почне сопствен бизнис.

Процесот на претприемништво, во теоријата, може да се подели на четири основни фази:

  1. Идентификување и проценка на шансите за успех на идејата на одреден пазар
  2. Изработка на бизнис план
  3. Обезбедување на неопходни ресурси за остварување на целта
  4. Управување со новата компанија.

Водењето на сопствен бизнис, не само што носи ризици и неизвесност, за секој претприемач значи и: поголема флексибилност, самостојност, развој на лидерски став, брзо донесување одлуки, аналитички пристап во работата, посветеност, подготвеност за победа или пораз… Сите овие предности може да ги ужива претприемачот само доколку внимателно ја разгледа својата идеја, направи соодветна анализа и пронајде партнери и поддршка на патот кон остварување на својата цел.

Голем број експерти велат дека претприемач не се раѓа, туку се создава. Па затоа, меѓу најважните особини што треба да ги развива еден претприемач се: иновативност, разумно преземање на ризик, самодоверба, желба за личен развој, способност за работа во тим, јасна перцепција за поставување цел и интегритет за преземање одговорност.

Многу нешта што денес се неизоставен дел од нашето секојдневие, некогаш биле само идеја во нечија генијална глава. Илон Маск, Ричард Брансон, Марк Цукерберг, Бил Гејтс, Лари Пејџ… се само дел од светската елита на успешни претприемачи кои успеале да го променат светот со своите идеи и на тој начин да си создадат империи.