Што е ризик?

1197

rizik-pixabay

Фото: Pixabay

Ризик претставува состојба во којашто постои можност за негативно отстапување од посакуваниот исход што се очекува. Ризикот ја отсликува можната променливост на резултатот околу некоја очекувана вредност (исход или резултат што вообичаено се случува).

Ризикот е неизоставен дел од работата на секоја организација во современи услови на стопанисување, па таа мора да биде доволно флексибилна и подготвена за секоја состојба што може да генерира некаков вид на ризик. Менаџерите и претприемачите секојдневно се соочуваат со ризични ситуации и носат одлуки во неизвесно окружување. Важно е да ги знаат потенцијалните ризици на компанијата, за да може да се олесни процесот на нивно управување. За управување со ризик во една компанија најважно е идентификување и мерење на ризиците. Тие секогаш пред себе треба да имаат јасна и целосна слика за својата компанија, што значи дека со леснотија може да ги детектираат внатрешните и надворешните деловни ризици.

Како внатрешни се сметаат сите оние ризици што ги генерира самата компанија, поради дејноста со којашто се занимава, стратегијата и плановите што ги утврдува, видот и бројот на вработени, технолошките процеси… Поважни внатрешни ризици може да бидат: ризик што произлегува од начинот на организирање на компанијата; ризик од политиката за човечки ресурси; ризик од ограниченост на ресурси; технолошки ризици; ризици од иновации; ризици од инвестиции…

Исто така, ризиците може да бидат стратешки или оперативни, врз основа на тоа дали се рефлектираат на целата компанија или само на една операција или активности и на тоа колкава е нивната рочност. Финансиските ризици се важен фактор што ниту една компанија не треба да ги занемари, а во таа група влегуваат: кредитен, валутен, каматен и ликвиден ризик.

Но, постојат и такви видови на ризици врз коишто компанијата нема никакво влијание, ниту моќ да ги менува, туку може само да ги прифати и да се прилагоди на нив. Секако, кај овие ризици е важно и самата компанија да изгради одбранбен механизам што ќе ги амортизира негативните последици од нивно настанување. Меѓу побитните надворешни ризици за една компанија може да се одвојат: економски ризик; пазарен ризик; извозен ризик; транспортен ризик; политички и социјални ризици…

Откако ќе се идентификуваат ризиците, менаџерите треба да знаат какви одлуки треба да донесат и кои мерки да ги преземат. Ниту еден од сите овие ризици не смее да ги обесхрабри менаџерите и претприемачите, туку нивното надминување треба да им биде предизвик. На тој начин ќе стекнат поголемо искуство и вештини во управување со ризиците што во иднина ќе им претставува рутинска задача од која не треба да се плашат.