Што е сертификат?

867

Фото: Pixabay

Сертификат потекнува од латинскиот збор certificatum и во основа значи потврда. Сертификат како меѓународен трговски поим претставува писмен документ со којшто се потврдува фактичка состојба или околност за некој предмет, стока, ситуација…

Под поимот сертификат уште се подразбира писмена гаранција издадена од страна на независни сертификациони тела, што се издава откако ќе се провери, односно утврди дека одреден систем, производ или услуга е во согласност со критериумите во наведените стандарди.

Процесот сертификација претставува процедура на утврдување дека производот, услугата, организацијата или пак поединец, ги исполнуваат критериумите на релевантниот стандард. Постапката се завршува со издавање официјална потврда-сертификат за усогласеност и сопственикот на сертификатот се впишува во соодветен регистар.

Постојат многу видови сертификати, но најчесто употребувани се сертификат  за професионална компетентност, сертификат за животна средина, сертификат за лојалност, сертификат за странски јазик, сертификат за конкурентност…

Многу често поимот сертификат се употреба при процедура на увоз-извоз, поточно кога е неопходна потврда за робата, стоката којашто ја минува државната граница. Во тој случај постојат, односно се издаваат разни типови сертификати, во зависност од природата на увезената, односно извезената стока, роба. Притоа, сертификатите служат при царинење и потврдуваат дека увозот, односно извозот потекнува од предметната земја и е олеснителна околност за целата постапка.