Младите мајки се исправени пред предизвикот, како да останат финансиски самостојни и стабилни, а од друга страна да му посветат доволно време, внимание, љубов и трпение на своето дете и семејството.
Entrepreneur дава неколку предлози коишто би можеле да им помогнат на мајките кои сакаат да работат од дома, па да можат да го спојат корисното со убавото.
Виртуелни предавања
Nаместо да држи часови на училиште или некаде на друго место, мајката може да ги подучува своите ученици преку Skype, FaceTime, Google Hangouts или некоја друга апликација. На пример, мајката е професор по некој странски јазик, па наместо да го остава бебето на дадилка или некој близок, таа може да го чува покрај себе додека ги подучува своите ученици по англиски, германски јазик…
Грижа за корисници или работа за кол центар
За овој вид на работа, не е неопходна канцеларија и некоја посебна опрема. Доволно е телефонски уред, компјутер и пристап до интернет. Така, мајката ќе може да ги опслужува своите клиенти преку телефон, додека нејзиното бебе можеби спие или си игра со омилената играчка.
Фриленсер
Овој сегмент им дава голема слобода на луѓето да работат од местото каде што се чувствуваат најудобно. Па така, ако сте мајка може да размислите за отворање на блог, во којшто може да пишувате и споделувате искуства за одредена тема, да пишувате статии за некој интернет портал или пак да бидете copywriter за некоја маркетинг агенција. На овој начин ќе имате солидна заработка, минимална инвестиција, а во секое време ќе бидете во близина на вашето бебе.
Продажба на рачни изработки преку интернет
Размислете како со помош на вашата креативност, имагинација и труд можете вашето омилено хоби да го трансформирате во бизнис. Ако сте добри во изработка на накит, додатоци за домот, сликање на текстил, цртање на прибор за јадење, изработка на фигури од полимерна глина… Сите овие креативни работи можете да ги правите во домашни услови, да имате профил на социјалните мрежи преку којшто ќе ги промовирате рачните изработки и ќе контактирате со потенцијалните клиенти.
Програмирање
Доколку ви е блиска оваа работа или пак имате некаква база, можете да инвестирате во некој интензивен курс или ако имате универзитетска диплома, тогаш можете да програмирате од компјутерот во работната соба, што е веднаш до собата во која удобно си спие вашето детенце.
Фото: Pexels