Што носат измените и дополнувањата на Законот за финансиска поддршка на инвестициите?

178

Собранието на Република Северна Македонија ги усвои измените и дополнувањата на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, предложени од Министерството за економија.

Целта на измените и дополнувањата на овој закон е забрзано поттикнување на економскиот раст и развој во Република Северна Македонија преку поддршка на инвестициите за зголемување на конкурентноста на економијата на Република Северна Македонија и на вработувањата.

Со овој закон се уредуваат видовите, висината, условите, начинот и постапката за доделување на финансиска поддршка на инвестициите на деловните субјекти кои ќе инвестираат во Република Северна Македонија и истиот претставува шема на помош согласно прописите со кои се уредува контролата на државната помош.

Со овие измени и дополнувања на законот се прошируваат видовите на финансиска поддршка и тоа за: за технолошки развој и истражување, поддршка за инвестициони проекти од значаен економски интерес, воспоставување и унапредување на соработка со добавувачи регистрирани во РСМ, поддршка за преземање на претпријатија во потешкотии и конкурентност на пазарот.

Со измените, корисникот на финансиската поддршка има дополнително обврска да ја одржува инвестицијата за период од најмалку пет години по завршување на финансиската помош, со што се обезбедува сериозност и поголема трајност на инвестициите.

Во делот на финансиска поддршка за нови вработувања внесено е олеснување, критериумот од 75% е намален на 50% за ново вработени лица во текот на годината за кои се бара да бидат обезбедени и исполнети посебни услови.

Исто така, воспоставувањето и унапредувањето на соработката со добавувачи регистрирани во РСМ, вредноста на вкупно извршени набавки е зголемена од 1% на 10% на производи од добавувачи,  што се вградуваат во производот на корисникот на финансиската поддршка во претходната година под услов вкупните набавки од добавувачи да бидат најмалку 7,5% од вкупните набавки на корисникот на финансиска поддршка во претходна година.

За воспоставување на организациони облици за технолошки развој и истражување, ќе се проширува листата на оправданите инвестициски трошоци со повеќе нови трошоци (персонални, консултантски, еквивалентни и др.) Воедно, тука, обврската корисникот на финансиска поддршка да го задржи просечниот број на нововработени за исплата на нето плати за период од најмалку три години од последната година за која е исплатена финансиска поддршка е укината.

За преземање на деловни субјекти во потешкотии се додава условот за период од две години од преземањето на деловниот субјект во потешкотии да се отпочне со производството, со што се обезбедува сериозност и поголема ефикасност за реализација на инвестицијата.

Со овие измени и дополни исто така се регулира финансиската поддршка на државјани со постојан и привремен престој во и вон РСМ каде се зголемува износот на финансиска поддршка за 15% од оправданите инвестициски трошоци но не повеќе од 1.000.000 евра.

Воедно се претставуваат и условите за рамномерен регионален развој со нов член при што дополнителната финансиска поддршка ќе се пресметува како процентуална разлика помеѓу планскиот регион со највисока вредност на БДП по глава на жител и вредноста на БДП по глава на жител на планскиот регион во кој се реализира продуктивната почетна инвестиција.

Допрецизирано е кои субјекти можат, а кои не можат да бидат корисници на финансиска поддршка (финансиска поддршка за реализација на инвестициски проект не може да се додели на деловен субјект во ТИРЗ за исти оправдани трошоци како и на други компании вон ТИРЗ за исти оправдани трошоци за кои веќе е доделена државна помош).

За да се даде можност за користење на предвидените измени и дополни на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, односно можност за поднесување на барања за користење на финансиска поддршка и во 2021 година, извршени се измени во временските периоди и датуми.

Фото: Pexels