Што покажуваат налепниците на овошјето и зеленчукот?

48

Фото: Pixabay

Нутриционисти, лекари, експерти… сите советуваат дека консумирањето на овошје и зеленчук, е многу важно за здрав и долг живот. Затоа, многу е важно да знаете што јадете, од каде потекнува тоа што го јадете или го подготвувате за семејството, како е одгледано, дали е модифицирано или органско.

Често пати се случува да забележиме налепници на овошјето или зеленчукот, кои вообичаено не потекнуваат од нашето подрачје. Важно е да знаеме што означуваат овие декларации.

Доколку на овошјето или зеленчукот има декларација со четири бројки од кои првата е 3 или 4, тоа значи дека е одгледано со помош на вештачки ѓубрива, односно по правилата што важат во земјоделството во последните 50 години. На пример, кај лимоните може да се најде ознака 4033, а кај бананите 4011.

Ако купувате некои увезено овошје што на налепницата има пет бројки, од кои првата е 9, тоа значи дека станува збор за органско производство. Ова обележје е гаранција дека во овошјето или зеленчукот нема пестициди и е одгледано без да се користат ѓубрива. Па така, ако забележите банани со ознаката 94011, тогаш станува збор за органски банани.

Aко овошјето или зеленчукот е генетски модифицирано, има вкупно пет бројки од кои првата е 8. Штом забележите дека на бананите, мандарините… пишува 84011, тогаш тоа е знак дека станува збор за генетско модифициран продукт.