Што значи одлуката за потрошувачите дека сите уреди ќе мора да имаат ист полнач?

84

Европските пратеници  постигнаа договор со кој се бара целата пренослива електроника што се продава во регионот да користи USB-C порта за полнење. Новиот закон ќе важи и за уредите на Apple кои моментално користат Lightning приклучок за полнење.

Оваа одлука доаѓа по долгогодишно размислување. Според изменетите правила, сите идни паметни телефони, таблети, камери, електронски читачи и други уреди што се продаваат во ЕУ мора да имаат USB-C порта до есента 2024 година, многу порано од очекуваното.

Целта на овој договор е да се намали фрагментацијата, електронскиот отпад, како и да се воведе стандард за брзо полнење на повеќе уреди. Договорот е дел од пошироките напори на ЕУ да ги направи производите поодржливи.

Иако е договорено, оваа измена прво ќе треба да ја одобрат Европскиот парламент и Советот на Европа, но не се очекува да има некакви проблеми.

Како што рече Билјана Борзан, пратеник во Европскиот парламент, дури 92,9 отсто од граѓаните ја поддржуваат оваа мерка. Таа посочи дека граѓаните ќе можат сами да одлучат дали им е потребен полнач со новиот уред и така ќе можат да заштедат уште повеќе.

Одлуката на ЕУ прецизира дека до есента 2024 година сите мобилни телефони, таблети и камери ќе мора да имаат ист полнач.

И Apple ќе мора да го смени конекторот на своите iPhone-и кои се продаваат во Европа до 2024 година.