Швајцарската економија забележа умерен раст во третиот квартал

Економијата на Швајцарија забележа умерен раст во третиот квартал, во услови на висока инфлација што ја намали потрошувачката на граѓаните, покажаа денешните податоци на Министерството за економија (SECO). Во трите месеци до крајот на септември, бруто домашниот производ (БДП) порасна за само 0,2 отсто во однос на вториот квартал кога според ревидираните податоци бележи пораст од 0,1 отсто.

Во однос на третиот квартал од минатата година, БДП исто така порасна за скромни 0,5 отсто, значително забавувајќи се на годишна основа, по растот од 2,2 отсто во периодот од април до јуни.

БДП беше поддржан од благо зголемената потрошувачка на домаќинствата, и покрај релативно високата инфлација. Поттикнати од трошењето за домување и енергија, како и за рекреативни активности и патувања, се зголеми за 0,7 отсто.

Пораснала и државната потрошувачка, за скромни 0,2 отсто, покажуваат податоците на министерството. Значајна поддршка беа и инвестициите во опрема и софтвер, кои се забрзаа со стапка од 2,1 отсто, во средина на ублажени тесни грла во глобалните синџири на снабдување. Инвестициите во градежниот сектор повторно се намалени, за два отсто, посилно од претходниот квартал, покажуваат податоците на Министерството.

Владата во Берн во есенските економски проекции прогнозираше раст на БДП за оваа година за два отсто, нагласувајќи ја напнатата енергетска ситуација и зголемената инфлација. Во следната година економијата треба силно да забави, со прогнозирана стапка на раст од само 1,1 отсто.