Швајцарската компанија Swiss Space Systems (S3) во Хрватска основаше подружница и планира од Владата и локалната самоуправа во Удбина, во Лика, да побара концесија на воениот аеродром кој сака да го пренамени во вселенски полигон, пишуваат хрватските медиуми.
Швајцарците планираат во првата фаза од проектот да воведат ZeroG летови, односно летови кога се постигнува бестежинска состојба, кои ќе се спроведуваат од аеродромот Плесо (Загреб), во првата половина на 2016 година. За следната фаза, како лансирање комерцијални суборбитални сателити и суборбитални патнички летови, планираат да изградат вселенски полигон, а најатрактивна локација за тоа, според нив, е Удбина. Тие очекуваат пазарот на вакви сателити да доживее експанзија во следните неколку години, затоа што Google и Facebook веќе започнаа со суборбитални сателити да покриваат пристап до интернет на делови од планетата каде што нема можности за поинаков пристап.
Вселенскиот центар и полигонот ќе бидат засновани врз концептот на вселенскиот полигон S3 што веќе почна да се гради во Швајцарија, а точниот износ на инвестицијата ќе го имаат кога ќе ја добијат концесијата, велат од компанијата.