Сиромашните Шпанци стравуваат од зимата: „Или се тресеш од сметките или се тресеш од студот“

45

Енкарна, 62-годишна шпанска пензионерка со месечни примања од 600 евра, нелагодно ја слуша временската прогноза на радио во мал стан во Мадрид – метеоролозите ги повикуваат жителите да се облекуваат потопло бидејќи при крај е пријатното време. Енкарна веќе има проблеми бидејќи цените на храната енормно поскапеа во последните месеци, па сега треба да одлучи дали ќе живее без запалено светло или без греење.

„Нема да го вклучам парното оваа зима. Тоа е единственото нешто од кое можам да се откажам. Ќе спијам покриена со пет или шест ќебиња и ќе се молам зимата да не биде студена како претходните години“, вели во изјава за шпанската државна телевизија TVE.

Според медиумот, и покрај поволната клима, Шпанија е една од земјите тешко погодени од зголемените цени на парното.

Околу 10,9 отсто од населението изјавиле дека не можат доволно да го загреат домот, а истото во просек го кажале 8,2 отсто од населението на Европската Унија, покажуваат податоците на статистичкиот завод Еуростат за 2020 година.

Организацијата „ЕКОДЕС“ на својата веб-страница предупредува дека „милиони домаќинства немаат пристап до основните енергетски услуги, што ги спречува да одржуваат здрав и достоинствен начин на живот“.

„Тоа се нарекува енергетска сиромаштија“, велат од организацијата со седиште во градот Сарагоса, која од 2013 година, како дел од одделот „Енергија и луѓе“, им пружила помош на 8.500 семејства.

Директорката на „ЕКОДЕС“ Сесилија Форонда предупредува дека во следните недели ситуацијата ќе биде уште потешка бидејќи значително расте бројот на енергетски сиромашни луѓе во Шпанија, земја со 47 милиони жители.

„Многу семејства останаа без работа за време на пандемијата на коронавирус, многумина поминуваат повеќе време дома, па затоа е неопходно да има соодветни енергетски услови“, вели таа.

Во 2020 година, 22 отсто од населението беше изложено на ризик да западне во овој вид сиромаштија, а цените на парното почнаа незапирливо да растат во 2021 година, што продолжи и оваа година.

„На крајот на оваа година ќе видиме многу потешки статистички податоци“, забележува Форонда. „Ситуацијата е критична“, додава таа.

Марија Хесус открива што значи да се биде енергетски сиромашен. Таа е емигрант што дошла во Шпанија во 2005 година и заработува 850 евра месечно како чистачка. Четиричлено семејство живее од нејзината плата, па зимава нема да можат да го вклучат парното поради поскапување.

„Или се тресеш од сметките или од студот“, вели таа во својот стан, кој го нарекува пештера. „Тоа влијае и на нашето ментално здравје. Едноставно немаме волја да се дружиме со никого“, објаснува таа. Околу 6,6 отсто од Шпанците во 2019 година изјавиле дека не можат да си ги платат сметките навреме.

Организациите како „ЕКОДЕС“ бараат од Владата дополнителни мерки и со нив да бидат опфатени поголем дел од населението бидејќи, како што оценуваат, состојбата е критична.

„Би била многу среќна кога би можела да ги поминам последните денови во топла куќа, без прав и нечистотија и без зависност од туѓа помош“, вели пензионерката Енкарна.