Случувањата поврзани со афлатоксините во млекото, што изминатиот период погодија неколку балкански земји, не се одразија врз продажбата на млекото и млечните производи од млекарници во Македонија.
Од битолската млекарница Бимилк велат дека нема намалување во продажбата и дека компанијата долги години прави контроли на производите што ги пласира на пазарот.
“Аферата не не погоди како компанија. Имаме извозно бројче од 2002 година. Ги почитуваме светските стандарди и сертификати и тие даваат слика на она што го правиме, а тоа е технолошки лидер во Македонија. Продажбата оди напред, не само поради кризата. Цело време вложуваме во нашиот квалитет и сертификатите кои ги применуваме”, изјави денес Полексена Ристеска, маркетинг менаџер на Бимилк.