Sk091е глобална пивска приказна раскажана на локален начин

757

Димитар Блажевски е човекот којшто стои зад идејата и креацијата на занаетчиските, или популарно наречени крафт пива, под етикетата Sk091. Со пиварство се занимава активно пет години, а неговото искуство, знаење и пракса доаѓаат од континуираното готвење и експериментирање со рецепти на разни стилови пиво, како и со користење на разновидни комбинации и можности што ги нуди домашното пиварство. Домашното пиварство е пред сè готвење на пиво за лични потреби со некомерцијални цели. Димитар вели дека растејќи како домашен пивар, секој сонува или посакува поголема варка/шаржа со цел да им овозможи уживање во сопственото пиво на што повеќе луѓе. Изминатата година ја искористил шансата да се проба на комерцијален пазар со сопствено пиво, па така се раѓа Sk091 – првото пиво подготвено во најстарата крафт пивара во Македонија.

Sk091 е скопска крафт приказна која е вистинско освежување на нашата млада крафт сцена. Во името го препознаваме стариот повикувачки код за Скопје, па што сака да им долови оваа приказна на пивољупците, дали е тоа носталгија по градот од некои други времиња или обид за оживување на градскиот дух преку создавање сосема нова традиција и нова вештина?

Sk091 e  продукт од еден процес кој веќе подолго ферментира и работи на сопствено растење и созревање, со креација на нови пивски приказни како плод на глобалните трендови, а сепак локално раскажани.

Sk091 природно си се наметна бидејќи се користи како локациска идентификација, нема тука место за носталгија.  Идејата е да гледаме напред во иднината, да креираме и создаваме нови пива. Sk091 е млада и мала етикета која што креира занаетчиски пива во лимитирани серии, пред сè наменети за локалниот пазар. Секоја серија и секое пиво е посебно осмислено и креирано со цел да претставува една комплетна целина и вистинско уживање при неговата консумација. За таа цел секогаш се бираат квалитетни и свежи суровини. Во досегашното кратко постоење на Sk091, имаме извадено три пива, две самостојни и една колаборација со една хрватска пиварa Hotch Potch на што сме посебно горди.

DEMO и Indie успешно го започнаа концептот на серија пива преку кој се обидувате да креирате нови рецепти и нови пивски приказни низ различни стилови. Раскажете ни нешто повеќе за овие две пива.

Demo и Indie се првите две пива, плод на преголема желба и малку лудост, но кога нешто сакаш да се случи, не бираш премногу, туку ја зграбуваш првата прилика. Така се случија првите пива во период на полициски час, кога никој не работеше. Кога се подготвуваа Demo и Инди, во тој момент не се мислеше каде ќе заврши тоа пиво. Кога ништо не работи, важно беше да се подготви добро пиво. Така почна сè и оваа приказна доби поголеми размери и се случија првите пионерски чекори во Gipsy brewing.

Demo се подготвуваше прво. Се одлучив за класичен pale ale, стил за кој може да се каже дека е основа за сите ale пива, со горна ферментација и на некој начин, класика. Процесот од желба и замисла до креација и самата реализација и дизајн на пивото е процес којшто сам по себе е доста комплексен и разноличен, што претставува предизвик за секој којшто креира и готви пиво. Demo е плод на чист ентузијазам и самото пиво излезе во рамките на очекуваното. Добивме класичен pale ale со цитрусни ароми и пријатна горчина добиена од внимателно селектиран хмељ што го прави да биде мошне пријатно пиво за консумација во летниот период.

Indie e  второто пиво готвено под истите услови, на истото место, но за овој предизвик баравме да понудиме нешто друго и по тој повод креиравме и зготвивме ИПА.

Ова пиво е доста поразлично од првото поради неговата јачина на алкохол 6,9% и интензитетот на аромите коишто се нагласени поради поголемата количина на хмељ во самото пиво. Пивото беше одлично прифатено и според реакциите на конзументите -вистинско уживање.

Го означивте стартот на зимата со темен „Porter“ – првото македонско крафт пиво во лименка. Колкава беше возбудата при креирањето на ова ново пиво и каков е досегашниот прием од страна на љубителите на крафт пива?

5 pm е последното и за мене посебно пиво затоа што е плод на првата колаборација помеѓу две крафт пивари кај нас, а воедно е и првата крафт лименка којашто е чист македонски продукт. 5pm е класичен претставник на стилот English Porter, со своите 5,4% алкохол и својата карактеристична арома на кафе и црна чоколада, добиени со внимателна селекција на печени сладови го прави посебно пријатен за консумација.

Совршено се комбинира со зачинета храна, печено месо, чили, карбонара, а може и со слатки чоколадни десерти и темна чоколада.

Велите дека СК091 е пивара без кров, па како всушност функционирате, како се одвива процесот на работа и со какви предизвици се соочувате?

Sk091 e концепт којшто во глобалниот пивски свет е познат под поимот Gipsy Brewing. Затоа за себе велиме дека сме пивара без кров, а предноста е во тоа што имаме слобода да раскажуваме различни пивски приказни од различни места.

Со првите две пива излеговме од најстарата крафт пивара во Скопје, Стар Град, а веќе со третото бевме во најстарата крафт пивара во Змајска пивоварна, што ми е особено драго.

Процесот на работа е сосема различен за секое пиво, затоа што околностите се менуваат. Рецептот се креира, а со тоа и самиот пристап кон замисла и реализација на пивото. Сè почнува со идејата што сакаме да готвиме, па во зависност од тоа склопуваме соодветен рецепт, па пристапуваме кон селекција и набавка на потребните суровини.

Кога ќе се заврши со замисла и план, се почнува со реализација и готвење. Додека пивото ферментира, дизајнираме и вршиме други логистички работи. Предизвици има секојдневно, но веројатно така се расте и се стекнува искуство. Наше е да се грижиме да направиме добро и здраво пиво што ќе ги радува непцата на консументите.

Имате ли омилен стил на пиво?

Би кажал дека не сум роб на одреден стил, но секако дека имам омилен во моментот, а тоа се киселите пива. Од позајмените пива би го одвоил NEIPA како стил што би рекол дека во моментов ми е омилен. Со стиловите е исто како со музиката, во одредени периоди одредени пива ти одговараат или не, во зависност и од расположението, храната и слично.

Кои се следните планови на СК091?

Следни планови има многу и се надевам на реализација на поголемиот дел од нив. Планираме барем две нови пива во наредниве месеци. Можна е уште една колаборација, но ќе оставам да течат работите, не би ги избрзувал. Периодов ќе го искористам за работа на новите пива. Се надевам на нови познанства и конекции, нешто слично како со дечките од Hotch Potch – Хрватска. Тие се фантастични момци кои супер си ја работат работата со новите пива и сум им благодарен што преку соработката со нив, пишуваме некаква историја во оваа наша пивска сцена и култура, а воедно и се мапираме регионално.

Каде можат да се најдат пивата на СК091 во моментов?

Нè има во подобро снабдените локали низ Скопје, како што се: Three kitchen bar, БКВ, Радио бар, Излет, Макка бар, Caffeine, Кашмир, Порта паб, Irish pub, Глуво куче, Jazzy. Достапни сме и онлајн преку Mitra.mk и Pivodrom. Растеме полека, драго ни е и се радуваме на секоја отворена врата, трудејќи се да ги задоволиме глобалните стандарди и да бидеме сè подобри со секое наредно пиво.