Словенечкиот завод за шумарство објави вчера дека поради последиците од катастрофалниот снег и мраз кои на почетокот на годината погодија поголем дел од земјата, ќе мора да се исечат 9,3 милиони кубни метри дрво, а санацијата ќе чини 36,6 милиони евра. По првите проценки, ќе треба да се обноват 900 хектари шума, според првиот човек на заводот за шумарство, Дамјан Оражен.
Штетата од искршените дрвја поради огромните количини мраз во крошните е проценета на 214 милиони евра. До сега се отстранети 900.000 кубни метри дрво од шумите. Санацијата, сечата и одвозот ќе траат неколку години, во фази. Поради обнова на шумите со млади садници, идните години ќе се нареди отстрел на поголем број елени од вообичаеното.