
Сообраќајот низ Ормутскиот теснец за време на викендот дополнително опадна. Десетина бродови кои превезуваат суровини и стока поминаа низ овој клучен поморски пат, додека претходниот викенд ги имаше 35, покажуваат податоците за поморскиот сообраќај. Тензиите во Заливот и понатаму траат, а САД и Иран остануваат во пат-позиција.
Низ Ормутскиот теснец пред војната се превезуваше петтина од светската нафта и течен природен гас, но сообраќајот сега е сведен на минимум. Производителите од Блискиот Исток сепак продолжуваат да извезуваат нафта со танкери кои пловат со исклучени транспондери.
Меѓу бродовите чие движење може да се следи, четири пловила вчера го напуштија теснецот. Станува збор за два танкера со рафинирани нафтени производи и два празни брода за превоз на рефус товар и гас. Истовремено, два помали нафтени танкера впловија во Заливот, покажуваат привремените податоци на аналитичката компанија Кплер.
Во саботата пет бродови го напуштија Заливот превезувајќи земјоделски производи, течен нафтен гас и вештачки ѓубрива, додека во Заливот вплови еден празен брод за превоз на гас со голем капацитет. Пред почетокот на американско-израелската војна со Иран на 28 февруари, низ Ормутскиот теснец во просек поминуваа околу 125 големи комерцијални бродови дневно.
Меѓу нив имаше танкери, бродови за превоз на гас, бродови за рефус товар и контејнерски бродови, пренесува Ројтерс.












