Soofa – “паметна“ клупа со полначи за мобилни телефони и интернет

60

soofa

Листата на “паметни“ предмети постојано се проширува со нови работи како што се часовници, автомобили, телефони, чаши и што уште не. Во друштвото “паметни“ предмети им се приклучија и клупите Soofa.

Станува збор за клупи што користат соларна енергија и се поставуваат во парковите во Бостон. Овие “паметни“ клупи, освен што ќе им овозможат на случајните минувачи пријатен одмор, им нудат можност да си го наполнат мобилниот телефон и да се поврзат на интернет, пишува Бизнис Инсајдер.

“Вашиот мобилен телефон не е само за телефонските повици. Исто така, ниту клупите не мора да бидат само место за седење“, вели градоначалникот на Бостон, Мартин Волш.

Soofa е производ дизајниран од три жени инженери кои работат на старт – ап Changing Environments.

“Ние сакаме да ги адаптираме нашите градови на нашата генерација. Постојано ги користиме нашите мобилни телефони, чија батерија ‘умира’ на секое пет минути. Многу ни е важно да имаме каде да ги наполниме телефоните, бидејќи треба да бидеме во постојана комуникација“, вели Сандра Рихтер, една од трите дизајнери на Soofa.

Првично, овие “паметни“ клупи ќе бидат достапни за жителите на Бостон, но планирано е да се постават и во Сан Хозе, Калифорнија и Њујорк.