Создадете сеопфатен систем на контрола

32

mehanizam

Фото: Pixabay

Кога се поставува систем на контрола, секогаш најважно е крајниот резултат да биде некој износ на добивка или износ на нето готовина која ќе остане во компанијата. Тука станува збор за финансиски цели.

Контролата во овој сегмент се одвива прилично едноставно. Се споредува остварената месечна, квартална и годишна добивка со нивните планирани износи и се донесуваат заклучоци во однос на тоа дали компанијата работела профитабилно или не.

Сепак, финансиските цели не се остваруваат сами по себе. Попатно треба да се извршат бројни активности во областа на маркетингот, продажбата, производството, развојот…

Затоа, освен финансиски цели и критериуми за нивно остварување треба да се одберат и други критериуми кои што ќе ни помогнат да ги следиме нашите способности да постигнеме добар финансиски резултат.

Тоа значи дека предмет на контрола треба да биде доменот на маркетингот, обемот на продажбата и приходите од продажба, уделот на пазарот, задоволството на клиентите,  репутацијата на компанијата и слично.

Секоја компанија сама избира кои критериуми притоа ќе ги користи. На пример, за степенот на задоволство кај клиентите може да се користи бројот на рекламации на 100 продадени производи или може да се направи анкета со потрошувачите што тие мислат за квалитетот на одреден производ.

Освен финансиските и маркетинг целите, потребно е да ги контролирате и останатите области во бизнисот. На пример, во доменот на производство треба да се води сметка за времето кое што е потребно за производство на одреден производ, производните трошоци по единица производ, количината на отпад и друго.

Исто така, предмет на контрола треба да биде и самата организација, односно човечките ресурси. Тука треба да се провери колку вработените се посветени на работа, колку се креативни, дали се задоволни со работната атмосфера, колку ги совладале вештините потребни за извршување на нивниот дел од работата.