SpaceX го лансираше првиот комерцијален сателит

39

SpaceX’s_Falcon_9_Rocket_&_Dragon_Spacecraft_Lift_Off

Приватната американска компанија SpaceX на Илон Маск за прв пат успешно лансира комерцијален сателит. Леталото Falcon 9, ноќеска беше лансирано од Кејп Канаверал во Флорида и за околу 30 минути во земјината орбита го постави 100 милиони долари вредниот телекомуникациски сателит, сопственост на компанијата SES од Луксембург, јавува Ројтерс.

Сателитот SAS – 8 треба да им овозможи телевизиска програма и други услуги на клиенти во Индија, Кина, Виетнам и на други места во Азија.

Ова беше трет обид за лансирање на сателитот со ракетата Falcon 9, откако двата обиди за лансирање минатата недела беа одложени поради технички неисправности.

Лансирањето е пресвртна точка за SpaceX, бидејќи докажа дека приватна компанија може да испраќа сателити во орбитата по ниска цена. Со него екипата на Илон Маск обезбедува појдовна точка за влез на пазарот на комерцијалните сателити, кој моментно се проценува на 190 милијарди долари.

Space Exploration Technologies, попозната како SpaceX, е основана во 2002 година од страна на Илон Макс и се занимава со унапредување на ракетната технологија. Дури шест години подоцна НАСА препозна потенцијал во идеите на Маск и со неговата SpaceX склучи договор тежок 1,6 милијарди долари.

SpaceX требаше да направи девет летови со нивната ракета Falcon 9 и вселенското летало Dragon до Меѓународната вселенска станица за да замени еден од шатловите. Според договорот со НАСА, Маск требаше да се фокусира само на превоз на астронаутите до вселенската станица, но тој не се откажа од својата визија за истражување на Марс, па во 2011 година изјави дека планира во следните 10 до 20 години да им овозможи на луѓето заминување на Црвената планета.

Повеќе за Илон Маск и неговите иновации прочитајте тука.