Србија ќе ги укинува економските амбасадори

22

globe-Српскиот министер за економија Саша Радуловиќ најави дека програмата за економски амбасадори ќе биде укината и во тој облик веќе нема да биде стартувана. Одговарајќи на пратеничко прашање колку ги чинело граѓаните заминувањето во свет на околу 190 луѓе со прилични апанажи, а до ден денес не е познат ефектот од нивната работа, министерот рекол дека во минатото се преземани проекти за кои не се правени анализи, ниту пак е следено нивното спроведување и ефекти, јавува Танјуг.

“Програмата на економските амбасадори ќе биде укината што се однесува до Министерството за економија и тоа време е зад нас, нема на тој начин да ја водиме економската политика. Мораме однапред да кажеме што очекуваме од некоја програма, а од оваа имаше малку ефекти. Во тој облик проектот нема да продолжи”, изјави Радуловиќ.

Според неговите зборови, определувањето на Владата е повеќе да се занимава со економски прашања во иднина и на тоа да обрне повеќе внимание, а дополнителни трошоци на економски амбасадори и слични програми не се потребни.