Србија: Колективна тужба за три банки – ќе се обесштетуваат 10.000 граѓани

60

sudski cekanПрвата колективна тужба во Србија поднесена против три банки, која се однесува на околу 10.000 клиенти, вреди десетици милиони евра, вели претставникот на Здружението на банкарски клиенти Ефектива, Дејан Гавриловиќ, за Танјуг.

Првото рочиште за оваа тужба е закажано за 16-ти јуни оваа година.

Тужбата е поднесена во февруари минатата година, против Хипо Алпе Адриа банка, Пиреус и Евробанка ЕФГ, поради недозволено договарање на валутни клаузули во швајцарски франци и еднострано менување на каматите и каматните маргини.

Според Гавриловиќ, смислата на колективната тужба е да се изврши промена на индексите на кредитите од швајцарски франци во евра или српски динари, за да се избегне парадоксот според кој клиентите сега должат повеќе одошто кога го зеле кредитот пред шест или седум години.

„Со тужбата се опфатени сите клиенти на овие три банки, што е бројка од околу 10.000 лица на кои директно се однесува. Индиректно, верувам дека тужбата ќе погоди неколку десетина илјади луѓе, бидејќи доколку пресудата биде правосилна, истата ќе се применува и на сите останати клиенти и банки“, наведува тој.

По основа на другиот дел од тужбата, како што потенцира Гавриловиќ, што се однесува на еднострано зголемување на каматите, банките досега на граѓаните им вратиле околу 10 милиони евра.

„Во Пиреус банка ни рекоа дека тие на своите клиенти им вратиле 3,5 милиони евра“, вели Гавриловиќ.

Доколку пресудата за колективната тужба стане правосилна, кога станува збор за валутните клаузули, банките ќе мораат да ја намалат главнината на кредитот, но нема да мораат да вратат пари во готовина.

Од Ефектива велат дека во слична таква колективна тужба во Хрватска по една година веќе е донесена пресуда, додека во Србија за тоа време е закажано само првото рочиште.

Досега против десетина банки во Србија се поднесени повеќе од 600 поединечни тужби по иста или слична основа, а Здружението Ефектива добило околу 30 пресуди во корист на клиентите и околу 40 вонсудски порамнувања.

Доколку пресудата стане правосилна, секоја страна ќе мора да ги врати сите исплати во динари. Банката мора да ги врати сите динарски уплати, а клиентот целиот кредит во динари и тоа пресметан според вредноста на денот кога го добил.

„На тој начин клиентите ќе можат со отплата на помала разлика полесно да се извлечат од тие кредити“, додава Гавриловиќ.