Србија одобри извоз на пченица и пченка за Македонија

98

Српската влада одобри извоз на пченица и пченка во С. Македонија, за договори склучени пред да стапи на сила привремената забрана за извоз на основни земјоделски производи.

„Овој заклучок овозможува реализација на веќе договорените деловни аранжмани меѓу компаниите од Србија и регионот“, беше соопштено по српската владина седница.

Наведено е дека „тоа нема да предизвика нарушувања во функционирањето на домашниот земјоделско-прехранбен сектор, ниту да ја загрози прехранбената безбедност на населението“ и ќе придонесе, како што беше посочено, „за градење доверба и одржување на добри трговски односи во регионот“.

Српската влада ја усвои и Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за ограничување на цената на нафтените деривати, која ќе биде на сила до 30 април.

Беше наведено дека уредбата „е донесена со цел да се спречат поголеми нарушувања на пазарот и да се зачува животниот стандард на населението“.