![container-port-284429_640](https://biznisinfo.mk/wp-content/uploads/2025/02/container-port-284429_640.jpg)
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во вторникот вечер имаше билатерална средба со американскиот потпретседател Џ.Д. Венс, во која таа ја нагласи „посветеноста на Европската унија за фер трговски односи со Соединетите држави“.
Венс и Фон дер Лајен се состанаа во Париз по дводневниот глобален самит за вештачка интелигенција, на кој Венс одржа говор изразувајќи американско противење на построгите регулативи за вештачката интелигенција.
Во нивните разговори тие ја истакнаа „важноста на американско-европските односи и нивната клучна улога во глобалната геополитика“, се вели во соопштението на Европската комисија (ЕК).
Ова беше прва средба меѓу европски и американски претставници по доаѓањето на власт на новата американска администрација на Доналд Трамп. Фон дер Лајен пристигна на состанокот само неколку часа откако објави дека Европа ќе одговори на новите царини на претседателот Доналд Трамп за увоз на челик и алуминиум.
Според соопштението, Фон дер Лајен му нагласилa на американскиот потпретседател дека ЕУ е „посветена на фер трговски односи“ и двете страни ја изразиле својата намера „да се фокусираат на економските области од заемен интерес, вклучително и енергијата“.