Средба на гувернерот Славески со ММФ: Народната банка е професионална, независна и кредибилна институција којашто придонесува за стабилноста

Претставниците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја истакнаа улогата на Народната банка како професионална, независна и кредибилна институција, којашто со своето делување значително придонесува за зачувување на макроекономската и финансиската стабилност во земјава. Тие искажаа задоволство од досегашната проактивност во водењето на монетарната политика и постојаното унапредување на регулативната и супервизорската рамка.

Оваа порака беше упатена за време на првата официјална средба на гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, со регионалниот претставник на ММФ, Себастијан Соса и новиот шеф на Мисијата на ММФ за нашата земја, Ник Гигинеишвили. Средбата се одржа во духот на продолжувањето на долгогодишната и конструктивна соработка, во интерес на одржувањето стабилен и отпорен економски систем.

Гувернерот Славески во своето обраќање ја истакна определбата на Народната банка за одржување на стабилноста, како и за понатамошно унапредување на независноста, транспарентноста и кредибилитетот на институцијата. Тој истакна дека Народната банка и во иднина ќе биде внимателна и проактивна при водењето на монетарната политика, постојано следејќи ги и анализирајќи ги и внатрешните, и надворешните ризици.

На средбата беа споделени мислења за сегашната економска и финансиска состојба, со осврт на светските економски движења и на нивните можни ефекти врз домашната економија. Соговорниците се осврнаа и на оцените и препораките од последната мисија на ММФ во рамките на редовните консултации според членот IV од Статутот на Фондот.

Двете страни ја потврдија подготвеноста за понатамошна силна соработка и координација, заради навремено справување со потенцијалните предизвици и поттикнување стабилен развој. Соговорниците се согласија дека за справување со предизвиците од светската економска сцена се потребни конзистентни, одговорни и усогласени политики, при што постојаната поддршка и експертиза од страна на меѓународните партнери, како што е ММФ, има огромно значење.