
Прашањето за зголемувањето на минималната плата останува отворено. Минималната плата треба да се усогласи овој месец и според пресметките, зголемувањето би изнесувало околу 1.800 денари. Синдикатите бараат минималната плата да изнесува 500 евра, а придонесите на разликата од висината на минималната плата до 30.000 денари да ги субвенционира државата. Од Владата оставаат да се договорат синдикатите и работодавачите, додавајќи дека немаат ништо против ако работодавачите можат да исплаќаат минималец повисок од законскиот, но дека субвенционирањето придонеси не е во агендата на Владата.
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска се очекува до Владата да го достави предлогот со кој ќе побара зголемување на минималната плата и на сите останати плати. Оттаму за денеска во 12 часот закажаа прес-конференција на која ќе се обрати претседателот на ССМ.
Според ССМ, 24.400 денари колку што би била минималната плата согласно законското усогласување се премалку за работниците имајќи ги предвид трошоците на живот. Затоа се надеваат дека работодавачите ќе покажат добра волја и ќе го прифатат нивното барање, а Владата ќе ја одигра клучната улога да ги субвенционира придонесите за разликата од 24.400 до 30.000 денари. Од ССМ велат дека минималната плата треба да обезбеди минимум материјална сигурност за работниците.
Работодавачите се согласни да се зголеми минималната плата, но бараат Владата да им помогне со субвенционирање на придонесите. За висината на минималната плата ќе се разговара на седница на Економско-социјалниот совет што треба да се одржи кон средината на овој месец.