Starbucks конечно пристигна во Милано

105

Американскиот ланец на кафетерии Starbucks денес конечно ја отвора својата прва продавница во Милано. Таканаречената Reserve Roastery е сместена во зграда на поранешна пошта на плоштадот Кордузио во италијанскиот град.

Компанијата, за овој долгоочекуван проект, вели дека е оддавање на почит кон Милано и прослава на се што досега Starbucks научил за кафето во своето 47 годишно постоење, пишува Fortune.

Луксузната кафетерија освен разни видови на кафе, ќе служи коктели и печива од познатиот мајстор Роко Принчи. Зданието коешто зафаќа површина од 2.322 метри квадратни ќе креира и 300 нови работни места.

Ова е трета ваква луксузна кафетерија на компанијата. Останатите две Starbucks Reserve се наоѓаат во Сиетл и Шангај, но компанијата наскоро планира отворање на уште три и тоа во Чикаго, Њујорк и Токио.

За основачот на најголемиот ланец на кафетерии во светот, Хауард Шулц, отворањето на луксузната продавница во Милано е како остварување на сонот и “завршување на кругот“. Шулц за прв пат добил инспирација за неговиот бизнис токму во овој италијански град од една негова посета во 1983 година.

Фото: Starbucks