Страв од успехот на другите

34

uspeh-pixabay

Фото: Pixabay

Успехот е многу убава работа и секој од нас си го посакува. Но успехот кај другите е интересна појава. Тој предизвикува еден вид страв, страв од успех. Стравот од успех на другите е нешто што се крие во секој од нас, но малку луѓе имаат знаење како да се справат со него.

Дополнително на ова е и што мал број луѓе се свесни за оваа појава, па најчесто или тотално ја игнорираат и истовремено имаат одбојност или, пак, се префрлаат на друго. Зависно од вашата позиција во ситуацијата, стравот се префрла во напад и намалување на вредноста на личноста преку:

  • Критика – насочена кон личноста која напредува или е успешна. Но критиките не се добронамерни, туку се во насока на намалување на вредноста на успехот и на личноста сама по себе.
  • Недоверба – секако тука е и недовербата што се јавува кон личноста која напредува и за неговите/нејзините успеси.
  • Лоша комуникација – нарушување на претходната комуникација, употреба на високи тонови, промена на говорот на телото.
  • Емоционални дисбаланси – љубомора… лутина…

Стравот од успех на другите не е нешто што треба да го занемаруваме и ставаме под чергиче. Не за друго, тој може да влијае на вас и на вашите односи со (на прво место) личноста која напредува, но и на (потесната и пошироката) околината.

Потребна е работа за да се надмине стравот.

  1. Свесност – ако само ги земете предвид погоре споменатите промени, што се случуваат, ќе треба да ви биде јасно дека стравот постои кај вас. Но навистина да бидете свесни за овие промени, а не само да ја обвинувате личноста којашто успева и промените кај нив. Анализирајте ги вашите постапки.
  2. Споделување емоции – сите сакаме успеси и сите им се радуваме на сопствените успеси, но зошто да не се радуваме и на туѓите успеси!? Немојте да се радувате само затоа што сте прочитале дека е така, туку навистина радувајте се. Сме заборавиле навистина да се радуваме дури и на туѓите успеси.
  3. Престанете со споредување – немојте да се споредувате со тие што успеваат туку гледајте да научите од нивните успеси. Успесите се како огледало.
  4. Другата страна – прифатете го и моментот дека ќе има и промени кај успешните луѓе, но немојте вие да наседнувате на таа промена. Прифатете ја едноставно и немојте да озборувате.
  5. Промени – мора да прифатите дека ќе има промени, но најмногу мора да има кај вас.

И знаете што, немојте да се вознемирувате, ќе дојде успехот и кај вас. Вие имате капацитет да се подобрите и да не се плашите од туѓите успеси, туку тие успеси да ги доживувате како свои. И бидете свои.

Со успех во промените.

Ако имате прашање за Калин Бабушку, можете да го поставите на Бизнис советник.