Styria го гаси бесплатниот весник Журнал24 во Словенија

17

zurnal24Австриската медиумска група Styria одлучи да ја згасне словенечка Журнал медиа, компанија која ги издава бесплатните весници Журнал24 и Журнал, како и интернет страната zurnal24.si.

Според љубљански Финанце, без работа ќе останат 50 вработени. Причина за ваквата одлука веројатно е фактот што во 2013 година приходите на годишно ниво се намалени за еден милион евра, на 5,04 милиони евра. Од почетокот на работењето во Словенија, Styria изгубила 40 милиони евра.

Во Словенија, оваа австриска медиумска куќа е косопственик и на дневниот весник Дневник, а се нагаѓа дека е заинтересирана и за купување на мариборскиот весник Вечер, кој е во сопственост на Пивоварна Лашко.

Според последните национални истражувања, весници во Словенија читаат 43% од популацијата на возраст од 10 до 75 години. Најчитан е таблоидот Словенске новице, а меѓу дневно – информативните, најчитани се Дело, Дневник и Вечер.

Styria во матичната земја е издавач на дневниот виенски весник Die Presse, бизнис веникот WirtschaftsBlatt и неделникот Die Furche. Во Хрватска е единствен акционер во дневниот весник Вечерњи лист, таблоидот 24 сата, а од март 2008 е влезен и во бизнис весникот Пословни дневник.

Во март 2009 Styria се прошири и во Црна Гора, стекнувајќи се со малцински удел во дневниот весник Вијести.