Супер брзи дронови ќе спасуваат човечки животи во тешко достапни места

30

Zipline-1-web_87622Zipline, компанија за роботика со седиште во Сан Франциско, најави дека во јули ќе започне да користи дронови за достава на медицинска помош во централна Африка, пишува Inc. Овие супер брзи летала ќе доставуваат крв и разни лекови низ тешко достапните здравствени центри во Руанда.

Компанијата планира да отвори и мал центар за лансирање на својата флота од 15 автономни дронови. Кога на пациент ќе му треба трансфузија на крв, антибиотици, вакцини или противотров, докторот, сестрата или медицински техничар ќе пратат порака до Zipline и тие ќе пуштат дрон со потребните материјали за 30 минути. Кога ќе биде на две минути оддалеченост, дронот ќе испрати порака до здравствениот центар и пакетот со падобран ќе се спушти на земјата, а леталото ќе се врати од каде што тргнало.

“Нашата мисија е да обезбедиме медицинска помош во болници и амбуланти што се наоѓаат во тешко достапни места до коишто е практично невозможно да се стигне со вообичаените транспортни средства”, вели еден од основачите на Zipline, Келер Ринаудо.

Дроновите ќе достигнуваат брзина и до 140 километри на час и ќе можат да летаат по неповолни временски услови, што значи дека вакцините и крвта не мора да бидат во ладилник. Беспилотните летала ќе имаат носивост до еден ипол килограм што одговара на два стандардни пакета со крв и доволно вакцини за неколку пациенти.