Супермаркети почнаа да нудат „антиинфлаторна“ потрошувачка кошничка

109

Француската влада, во договор со водечките синџири на супермаркети, во следните три месеци на граѓаните ќе им ги понуди таканаречените антиинфлаторни потрошувачки корпи кои ќе содржат производи по најниски цени избрани од компаниите.

Тамошниот министер за финансии, Бруно Ле Мер, на прес-конференција по средбата со директорите на синџирите на супермаркети рече дека со нив постигнал договор за антиинфлациска кошничка, која сами ќе ја дефинираат за да се намалат трошоците за основните прехранбени производи за граѓаните.

Малопродажните фирми се согласија да им понудат на клиентите „најниски можни цени“ за период од три месеци, за артикли што ќе ги изберат сами, рече Ле Мер, цитиран од Фигаро.

– Се очекува дека попустите ќе ги чинат трговците стотици милиони евра – рече Ле Мер.

Во јуни, трговците на мало и владата ќе ја преоценат ситуацијата и евентуално ќе побараат од големите добавувачи на стоки за широка потрошувачка повторно да преговараат за цените со малопродажните компании.

Инфлацијата во Франција неочекувано се зголеми на 7,2 отсто во февруари, од 7 отсто во јануари, делумно поради повисоките цени на храната, покажуваат податоците на статистичкиот институт INSEE. Во почетокот, владата се обиде да дефинира единствена кошница со дневни потреби, но супермаркетите се бореа за правото сами да одлучат која храна да ја вклучат во „антиинфлаторната кошничка“.