Фото: Pixabay
Мултифункционални часовници, монитори на отчукувања на срцето, ГПС апарати, носечката технологија (wearable technology), чиј што пазар според анализа на Credit Suisse во моментот вреди помеѓу 3 и 5 милијарди американски долари, а се очекува да вреди помеѓу 30 и 50 милијарди американски долари, во следните три до пет години се очекува да направи револуција во маркетингот, малопродажбата, фитнесот и медицината. Носечката технологија не е нова. Нова е можноста ваквите продукти да се поврзат со друга технологија, како паметни телефони и апликации, како и социјални мрежи, со цел да им овозможат на корисниците брзо да прикачуваат и делат информации. Користењето на овие продукти има одредени импликации во разни правни области, како интелектуална сопственост и човекови права, и тоа како за технолошките компании, така и за потрошувачите на продуктот.
Што е носечка технологија?
Носечка технологија вклучува иновцации како носечки компјутери или опрема; зголемeна реалност [augmented reality (AР)]; и виртуeлена реалност [virtual reality (ВР)]. Сегашниот носечки технолошки маркет е доминиран од разни предмети како паметни очила, паметни часовници, накит, обувки, е-облека и фитнес преврски, при што многу од нив се во интеракција со паметни телефони и таблети преку разни апликации. Меѓу познавачите во областа, како најпопуларни продукти од носечката технологија се издвојуваат:
– the Pebble Steel, паметен часовник што на корисниците им овозможува да добиваат известувања од нивните телефони и е приклучен за разни апликации;
– the Neptune Pine, што е всушност паметен телефон поставен на часовник;
– the Sony Core, чип дизајниран да биде вметнат во неколку додатоци и е приклучен на апликацијата Sony Lifelog, фитнес трагач, што содржи информации за рутинските вежби на корисниците, местата што ги посетиле, музиката што ја слушаат и книги што ги читаат;
– Netatmo June, нараквица што му дава на потрошувачот детали за неговото изложување на сонце и совети за заштита;
– Fitbit Flex, обрач што го регистрира бројот на чекори направени од носителот, поминатата дистанца, потрошени калори и квалитет на сон;
– the Nike+Fuelband, обрач што го регистрира нивото на активност на корисникот и го поврзува до апликација што дава совети за тоа како да се оптимизираат движењата; и
– Google Glass, очила што имаат носечки комјутер што има мал LCD екран. Се активира преку глас и корисниците може да се движат низ користичкото мени поставено на страна од уредот. Поддржува голем број на апликации и меѓу другото им овозможува на корисниците да прават слики, прикачуваат фајлови на веб страници, пребаруваат веб страници и да праќаат мејлови.
Интелектуална сопственост на продуктите од носечката технологија
Технолошките компании инвестираат милиони евра во развојот на продукти од оваа гранка на технологијата, па со цел да ја заштитат таа инвестиција неопходно е истите да обезбедат соодветна заштита на правата на интелектуална сопственост. А на што?
1. Трговски марки
Големиот број на функции што ги извршуваат продуктите на носечката технологија ќе бара креативност при пополнување на апликацијата за заштита на трговска марка во однос на спецификациите на производите, со цел подносителот да се осигура дека сите карактеристики на производот се заштитени.
2. Индустриски дизајн
Индустрискиот дизајн е начин на обезбедување на заштита за нови дизајни од технолошките компании, при што компаниите мора да утврдат дали и каков вид на заштита е потребен за одреден дизајн, без разлика дали истиот претставува индивидуална целина, или пак е применет или содржан во производот.
3. Патенти
Можноста да се добие патент за софтвер или компјутерска програма на одреден продукт зависи од правото на секоја земја. На пример, во Република Македонија се дозволува патентирање на комјутерска програма само ако пријавата на патент не се однесува на комјутерската програма сама посебе, туку таа е доведена во врска со пронајдок во сите области на технологијата, при што тој пронајдок треба да е нов, да содржи инвентивен придонес и да може да се применува во индустријата. Ако одреден аспект од продуктот од носечка технологија е патентибилен, тогаш е значајно технолошките компании да преземаат соодветни мерки за заштита на доверливоста на истиот се додека се поднесе пријава за патент.
Лиценцирањето на користењата на патенти доделени за пронајдоци од носечката технологија многу е веројатно дека ќе се врши под фер, разумни и недискриминирачки (ФРИНД) услови. Имено,со цел да се овозможи компатибилност на направите произведени од разни компании, воспоставени се индустриски стандарди од доброволни организации што креираат стандарди. На пример, патент за технологија што е неопходен за примена на одреден стандард мора да биде лиценциран на трети страни под ФРИНД услови. Такви лиценцирачки услови се дизајнирани со цел да се овозможи целосно распространување на стандардизирани технологии, додека истовремено компаниите се мотивираат да бидат иновативни и да учествуваат во стандардизирани процеси.
4. Авторско право
АР или ВР технологиите вклучуваат компјутерско-генерирани средини. Во АР таа средина се наметнува над реалниот свет и во ВР корисникот е стопен со средината. И двете техологии создаваат сосема нови начини за корисниците да ја искусат содржината. ВР направите им овозможуваат на корисниците виртуелно да следат настани во живо како концерти или предавања на универзитети. Е-книгите содржат алатка за пребарување или апликација на речник. Овие нови начини на интеракција влијаат врз системот на авторско право. На кратко: било кој филм или настан може да биде снимен, што го отежнува следењето на виртуелните потврди на авторско право, а и доказите за ваква повреда тешко е да се добијат.
Други правни импликации
1. Фалсификување на продукти
Очекувано е фалсификувани верзии на продукти од носечката индустрија да се појават на пазарот. Можноста фалсификувачите да произведат верзии на носечката технологија се зголемува со достапноста на 3Д принтерите, што овозможуваат дизајнот на продуктот брзо и едноставно повторно да биде произведен и реконструиран. Иако за фалсификувачите може да биде тешко да ја заменат технологијата на комплексни продукти, се смета дека е лесно софтверот да биде хакиран, копиран и дистрибуиран. Тоа бара од технолошките компании да превземаат адекватни мерки за да спречат фалсификување на нивните продукти на секое ниво од понуда, па се до производство и дистрибуција.
2. Лични податоци
Заштитата на лични податоци е една од најзначајните правни предизвици за техонолошките компании. Најголем дел од продуктите на носечката технологија имаат можност да обработуваат огромен број на лични податоци за носителот. Такви податоци потоа може да бидат зачувани од технолошката компанија. На пример, носечка техологија на пазарот на здравство и фитнес може да собира податоци поврзани со локацијата на носителот, неговиот срцев ритам, дневниот број на потрошени калории, како и друг вид на доверливи информации, како здравствено досие и медицинска историја на лицето.
Од причина што ваквите уреди длабоко навлегуваат во приватноста на нивниот корисник, компаниите мора да се осигураат дека имаат воспоставено адекватни процедури за заштита на личните податоци на потрошувачот. Со цел да добијат информирана согласност од корисниците во однос на обработката на такви податоци, нужно е компанијата да даде информации на корисникот за природата на податоците што се собираат, како ќе бидат истите искористени и споделени.
Одреден број на апликации за паметни телефони или други направи се достапни и тие можат да бидат користени за собирање на лични податоци за корисниците. Сепак, развојот на носечката технологија ќе го зголеми видот и обемот на лични податоци што се собираат и полесно ќе биде истите да бидат споделени. Голем број на коментатори повикуваат на загрижувачките последици што овие производи може да ги имаат врз заштитата на лични податоци при употребата на таканаречените “интернет на работи“ (internet of things), термин што упатува на сценарија каде производите работат без човекова интервенција.
3. Приватност
Продуктите од носечката технологија исто така отвораат прашања за приватноста на трети страни, штопак може да влијание врз изборот на потрошувачите и начинот на којшто тие ги употребуваат продуктите.
Имено, одредени производи, како Google Glass, даваат можност носителот да ги снима индивидуите што се во неговиот виден круг и таквата лента во истиот миг да ја прикачи на социјалните мрежи и други веб страници. Вакви дејствија се можни и со паметните телефоните. Но, постои разлика помеѓу едно лице што држи паметен телефон и отворено снима трето лице и кога тоа исто лице снима трето лице преку Google Glass, каде филмското или аудио снимањето не е видливо за никој друг освен за корисникот на очилата. Ова не е само теоретска анализа. Неодамна печатот во САД во неколку наврати објави статии за напади врз корисници на Google Glass, кои во барови или во кафетерии носеле вакви очила, бидејќи другите клиенти и вработени, мислејќи дека се снимани, се почувствувале непријатно. Поради овие инциденти, неколку кафетерии во САД го забранија продуктот уште пред да е преставен пред широката јавност.
Иднина
Додека распространувањето на оваа технологија е неизбежно, неодамнешната анализа направена од Rackspace покажува дека 51% од испитаниците од Обединетото Кралство и САД сметаат дека приватноста е кочница за прифаќањето на ваква техонологија. Дали е потребно прво навистина да разбереме како овие предмети функционираат пред се одлучиме да ги употребиме? Иднината ќе покаже како компаниите ќе се справат со овие предизвици со цел да ги популаризираат своите производи од носечката технологија. Исто така, прашање е кога производите од носечката технологија ќе се продаваат во Република Македонија и дали граѓаните истите ќе ги прифатат.
Автор: Ана Дангова Хуг – INTER PARTES Skopje