Светска банка: На Украина ѝ се потребни 411 милијарди долари за реконструкција

23

Потребите на Украина за обнова и закрепнување пораснаа на 411 милијарди американски долари, соопшти Светската банка.
Проценката направена заедно со украинската влада, Европската комисија и Обединетите нации е повисока од 349 милијарди долари од извештајот објавен минатиот септември, пренесува француската новинска агенција АФП.

Во извештајот  Светската банка предупреди дека наведената проценка „треба да се смета за минимална, бидејќи потребите ќе растат се додека трае војната“. Како што напишаа, војната во Украина фрли 7,1 милиони луѓе во сиромаштија, уништи 15 години развојен напредок и ги прошири нееднаквостите. Украина, наводно, има најголема потреба од реновирање во областа на транспортот, проследено со домување и енергија.

Реконструкцијата на Украина ќе трае неколку години, рече Ана Бјерде, потпретседател на Светска банка за Европа и Централна Азија кога беше објавена оценката, додавајќи дека поддршката за јавните инвестиции „мора да биде надополнета со значителни приватни инвестиции за да се зголемат расположливите средства за реконструкција“.

Директната штета на зградите и украинската инфраструктура изнесува повеќе од 135 милијарди долари, а за критични и приоритетни инвестиции во реконструкција и обновување, на Киев ќе му бидат потребни 14 милијарди долари оваа година, наведува АФП.

„Енергетската инфраструктура, домувањето, критичната инфраструктура, економијата и хуманитарното деминирање се нашите пет приоритети за оваа година“, најави украинскиот премиер Денис Шмихал, додавајќи дека некои работи за реконструкција се веќе завршени. Сепак, тој предупреди дека обемот на штетата и потребата од реконструкција „во моментов не вклучуваат податоци за загуба на инфраструктура, станбени и деловни простории во окупираните области“.