Светска банка: С. Македонија треба да се фокусира на обновување на фискалната одржливост

36

Растот во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и во Србија – шесте земји од Западен Балкан – се очекува да се врати во 2021 година по најлошиот економски пад во регионот што се случи во 2020 година.

По економската катастрофа што ја донесе пандемијата на Кoвид-19 што резултираше со проценет просечен негативен раст на економиите во регионот од 3,4%, во 2021 година, регионот на Западен Балкан се очекува да забележи раст од 4,4%. Растот се очекува да биде поумерен во 2022 и 2023 година со 3,7%  како резултат на долгорочните штети од пандемијата кои и понатаму предизвикуваат намалени инвестиции и вработување во регионот.

“Секако гледаме некои позитивни трендови во регионот, поттикнати од брзите акции што ги преземаа многу земји за сузбивање на најлошите влијанија од пандемијата, но здравственото и економското опустошување предизвикано од пандемијата и понатаму ќе има влијание. Почетокот на вакцинацијата, заедно со подобрувањето на довербата, потрошувачката и трговијата ќе помогне позитивниот тренд да продолжи, но земјите мора да останат будни во своите напори за воведување и зајакнување на политиките што можат да водат кон раст, да ги заштитат здравствените резултати и да го поттикнат човечкиот капитал“, вели Линда Ван Гелдер, регионална директорка на Светска банка за Западен Балкан.

Пандемијата го запре деценискиот напредок во подобрувањето на приходите и намалувањето на сиромаштијата во земјите од регионот, а пазарите на труд надоместија само половината од работните места загубени во пандемијата оставајќи голем број луѓе без работа и присилувајќи многу други да излезат од пазарот на трудот, како неактивно население. Иако стапката на невработеност се намали – од 13,5% во 2019 година на 12,6 % во 2020 – тоа главно беше резултат на зголемената неактивност, а до крајот на 2020 година во Западен Балкан се загубија скоро 70.000 работни места. Овие загуби непропорционално го погодија ранливото население во регионот, вклучувајќи ги жените и младите. Со 2020 година, невработеноста на младите порасна на 33,6% прекинувајќи го петгодишниот тренд на намалување.

“Напорите на политиките треба да останат строго фокусирани на борбата со пандемијата, на ограничување на социјалните штети и на поттикнување на закрепнувањето. Во Северна Македонија, обезбедување на соодветни ресурси во здравствениот систем ќе остане клучно за да се овозможи набавка и брзо распоредување на вакцините, тестирања, терапии, опрема за лична заштита, но исто така и да се гарантира хоспитализација на критично болни пациенти. Светска банка дава поддршка во оваа област“, вели Масимилијано Паолучи, директор на канцеларијата на Светска банка во Северна Македонија.

Сепак, додека продолжуваат да ги штитат животите и изворите на егзистенција, властите треба да почнат да се фокусираат на подолг рок.

“Поради историски највисокото ниво на јавниот долг, обновувањето на фискалната одржливост има висок приоритет штом закрепнувањето ќе почне да дава резултати. Приоритет треба да им се даде на инвестициите во образованието, дигитализацијата како и други инфраструктурни проекти, вклучително и еколошко-одржливите иницијативи бидејќи со нив може да се забрза потребниот премин кон пониска зависност од јаглен и други фосилни горива штом земјите ќе почнат да излегува од пандемијата,“ додава  Паолучи.

Фото: Facebook