Четириесет и третиот меѓународен саем на мебел, опрема за домаќинства и јавни објекти, репроматеријали и машини за индустријата на мебел – мебел 2017 беше отворен на 21-ви и ќе трае до 26-ти март, стои во соопштението.
Две години по ред овој саем го руши рекордот со 11-те хали кои ги користат над 400 домашни и странски изложувачи. Покрај Македонија учесници има и од Босна и Херцеговина, Грција, Италија, Словенија, Србија и Хрватска.
Секоја година над 50.000 посетители ги следат уникатните модни дизајни кои се нудат на Саемот за мебел. Овој Саем полека се надминува себеси со креативноста, можностите и оригиналноста на модерните кујни и елегантни бањи, осветлување, подови и ѕидни декорации, материјали за тапацирање, канцелариски мебел, мебел за јавни објекти, како и најновите технички и технолошки достигнувања на репроматеријали, машини и опрема за обработка на дрво. За време на саемот учество ќе земат и повеќе банки и осигурителни компании кои на посетителите ќе им ги понудат поволностите за кредитирање и осигурување на своите домови. Воедно, и самите изложувачи имаат свои изненадувања и попусти за посетителите во склоп на своите понуди.
Оваа година во состав на Саемот за мебел ќе учествуваат и Урбанолд кои повеќе години редизајнираат и обновуваат стари парчиња на мебел. Преку нивната понуда посетителите ќе можат да ги разгледаат подобностите и можностите за нов живот на мебелот кој го имаат со години и кој е богат со чувства и моменти од минатото.
Со #МоетоОмиленоПарчеМебел на овогодишниот Саем за мебел на сите посетители им се овозможува интересен шопинг предизвик. За да учествуваат во истиот ќе мора да го посетат Саемот, да направат фотографија од нивното омилено парче мебел и истото да го објават на нивниот Фејсбук профил како јавен пост, со хаштагот #МоетоОмиленоПарчеМебел. Откако, ќе го направат тоа, фотографиите со најмногу лајкови ќе бидат наградени со вредносни ваучери од 300, 500 и 700 евра.
Доделувањето на ваучерите за овој предизвик е на 26.03.2017 во 16.00 часот.
Во склоп на саемот, традиционално ќе се организира стручно оценување на пријавени експонати и ќе бидат доделени признанија на најдобрите учесници на саемот, во две категории: производители и трговци. Стручната комисија е составена од претставници од Архитектонски факултет, Факултетот за дизајн и технологија на мебел, Асоцијација на архитекти, Кластерот на дрвна индустрија и од Министерство за економија на Македонија.
Овие признанија ќе бидат доделени на 23.03.2017 година, во 20 часот во Управната зграда на саемот.
Саемот ќе биде отворен од 10 до 20 часот, цената на влезницата е 100 денари, а за групни посети и студенти 50 денари.