Технолошка старт – ап компанија вработува само лица над 55 годишна возраст

13

korea

Фото: Ever Young

Јужнокорејската корпоративна култура е позната по тоа што своите работници ги праќа во пензија штом наполнат 60 години, но основачот на Ever Young, Чунг Еунсунг се надева дека ќе ја смени таа практика. Технолошката старт – ап  компанија вработува лица кои не се помлади од 55 години. Сопственикот на компанијата сака да докаже дека и повозрасните се подеднакво важни за една компанија како и помладите лица. Тој во 2013 година кога ја основал компанијата, поставил правило дека ќе вработува само повозрасни лица, а четири години подоцна сè уште се држи до тоа правило, пишува Channel News Asia.

“Јужна Кореја е соочена со феномен на стареење на нацијата и верувам дека учеството на повозрасните лица може да допринесе за развојот на нашата економија. Верувам дека со нивно вработување може да го промениме квалитетот на живот и благосостојбата на државата“, вели Еунсунг.

Ever Young се занимава со надзор на интернет содржини и ги обучува своите вработени да работат на различни платформи. Главна задача на вработените е да цензурираат чувствителни податоци на Naver Maps (јужнокорејска верзија на Google) и да ја набљудуваат содржината на блогерските платформи.

Компанијата исто така ги обучува и за други ИТ вештини. Работат во смени од по четири часа, а на секои 50 минути имаат 10 минутна пауза. Ever Young има вработено 420 лица на возраст од 55 до 83 години, а ангажира инженери и луѓе кои долго време биле без работа.