Telenor станува Yettel од март

Telenor Srbija денеска соопшти дека од март ќе продолжи да работи под името Yettel.

Промената на името ќе се случи во три земји каде што PPF групацијата го користи брендот Telenor – Србија, Унгарија и Бугарија.

„Нашата деловна стратегија се заснова на три цели: да обезбедиме најдобро корисничко искуство и најмодерна мрежа, со висока нова ефикасност и профитабилност. За да ги постигнеме овие цели, потребен ни е силен бренд“, изјави извршниот директорот на TMT CEE (Технологија, медиуми, телекомуникации за ЦИЕ регионот) PPF Telekom Group, Марек Слачик, пренесе „Бета“.

Тој додаде дека започнува ново поглавје за таа бизнис групација во Србија, Унгарија и Бугарија.

„Имаме цврста и силна основа што ја создадовме под брендот Telenor на кој ќе продолжиме да градиме односи со клиентите и да создаваме дополнителна вредност под новиот бренд Yettel“, додаде Слачик.

Yettel е, како што се истакнува во соопштението, модерен бренд, дизајниран врз основа на истражување на потребите и трендовите на пазарот. Создаден е со цел да придонесе за квалитетот на животот на корисниците, со разбирање на растечката улога што технологијата ја игра во секојдневниот живот на луѓето.

„Yettel е ново име, нов збор. Во текот на 2022 година ќе лансираме нови производи и услуги, додека нашиот стратешки фокус останува непроменет: сакаме дополнително да го развиваме бизнисот и српскиот пазар, да придонесеме за економијата и заедницата и да понудиме квалитетни услуги преку најсовремена мрежа и инфраструктура“, рече Мајк Мишел, генералниот директор на компанијата во Србија.

Периодот на промена на името на Telenor започнува денеска, ќе заврши до крајот на март и не бара никаква корисничка активност. Официјалното претставување на новиот бренд Yettel ќе биде на 1 март.