Тендер за 80 нови локации за мали хидроелектрани

79

mala-hidrocentrala-520x390Премиерот Никола Груевски соопшти дека Владата наскоро ќе објави тендер за издавање под концесија 80 нови локации ширум земјава за изградба на мали хидроелектрани.

“До крајот на годинава постапката ќе биде отворена, а се надевам и дека ќе биде завршена. Новина е што овој пат имаме подобро подготвени тендери со направена физибилити студија за секоја од локациите, така што секој инвеститор однапред ќе знае каква хидроелектрана може да се направи, која е нејзината вредност, слабост и предност и со колкава моќ може да располага. Во 80-те мали хидроелектрани ќе се вложат 176 милиони евра”, рече Груевски, одговорајќи на новинарско прашање по свеченото отворање на основното училиште Битолски Конгрес во Скопје.

Тој додаде дека подобрениот тендер ќе биде и олеснување за државата бидејќи ќе се знае точната моќ на хидроелектраните што ќе се градат и на тој начин ќе може да се групираат подобри со послаби и да се продаваат како концесии во пакет.

Досега се издадени 60 концесии за мали хидроелектрани од кои дел се започнати да се градат, а дел од нив наскоро би требало да почнат да се градат.

“Нашиот план е да имаме 400 мали хидроелектрани и за исто толку се одредени места низ Македонија. Овие хидроцентрали, иако мали, заедно ќе бидат значајна енергетска поддршка и ќе обезбедат поголема стабилност на енергетскиот систем на земјата”, речеГруевски.