Тојота и Дајмлер работат заедно на развој на нови технологии

Германскиот производител на камиони Daimler Trucks, најголемиот јапонски производител на автомобили Тојота и уште две автомобилски компании од Јапонија, Хино и Мицубиши Фусо,  објавија дека заедно ќе работат на нови технологии за да помогнат во борбата против климатските промени.

Компаниите планираат да соработуваат за намалување на емисиите на јаглерод и развој на други технологии, како автономно возење, услуги поврзани на интернет и електрични возила, пренесува Бета.

Според извршниот директор на Тојота, Коџи Сато, „соработката на четирите компании претставува партнерство за иднината на комерцијалните возила во Јапонија и иднината на мобилното општество“.

Тие ќе работат на развој, набавка и производство на комерцијални возила за да станат глобално конкурентни, рекоа директорите.

Извршниот директор на Дајмлер, Ола Калениус, рече дека компанијата е многу горда на своите производи „бидејќи камионите и автобусите го одржуваат светот во движење, а наскоро тие ќе го сторат тоа со нула емисија на јаглерод“. „Денешното соопштение е клучен чекор за таа иднина да функционира економски и во служба на одржливиот транспорт“, додаде тој.

Производителите на автомобили се обидуваат да останат во чекор со глобалниот притисок да развијат возила што помалку загадуваат и да поддржат други начини за борба против климатските промени. Комерцијалните возила како камиони и автобуси заземаат најголем дел од емисиите.