Тојота руши рекорди во продажбата во САД

Продажбата на автомобили на „Тојота Мотор Ко.“ достигна рекорд втор месец по ред, бидејќи силните резултати во САД и Јапонија беа поттикнати од купувачите во последен момент пред да стапат во сила царините на американскиот претседател Доналд Трамп.

Глобалната продажба на производителот на автомобили, вклучувајќи ги и подружниците Daihatsu Motor и Hino Motors, достигна 936.718 единици во април, што е зголемување од 12 проценти во однос на претходната година и рекорд за месецот, соопшти компанијата во четврток. Производството достигна 902.425 единици низ целиот свет, пишува Bloombeg.

Продажбата на брендовите Toyota и Lexus скокна за 10 проценти во САД минатиот месец благодарение на постојаната побарувачка и приливот на нарачки бидејќи беа воведени царини за увезени автомобили и делови.

Toyota, која прогнозираше пад од 180 милијарди јени (1,6 милијарди долари) само во април и мај, во голема мера го задржа курсот, нагласувајќи дека ќе одговори флексибилно, но ќе се воздржи од големи промени сè додека иднината не биде помалку неизвесна. Главниот извршен директор Коџи Сато изјави претходно овој месец дека компанијата ќе го разгледа локалниот развој и производство во САД на среден до долг рок.

Во март, продажбата на Тојота во САД се зголеми за 10 проценти во споредба со претходната година, додека Хонда Мотор забележа скок од 13 проценти, а Нисан Мотор од 10 проценти.

Мазда Мотор објави дека ќе го прекине производството во САД на една варијанта на модел што ја извезува во Канада. Хонда планира да го префрли производството на хибридна верзија на својот Сивик од Јапонија во САД, додека Нисан ги прекинува нарачките во САД за теренски возила произведени во Мексико.