Се очекува оваа година околу 300 милионери да се преселат на Малта, се вели во написот на веб-страницата на консултантската фирма Henley and Partners.
„Прогнозите во Henley Global Citizens Report покажуваат дека првите 10 земји во однос на нето-приливот на поединци со високи приходи во 2022 година ќе бидат ОАЕ, Австралија, Сингапур, Израел, Швајцарија, САД, Португалија, Грција, Канада и Нов Зеланд. Се очекува и дека голем број милионери ќе се преселат во Малта, Маурициус и Монако. Од друга страна, 10-те земји со најголем нето-одлив се Русија, Кина, Индија, Хонг Конг, Украина, Бразил, Обединетото Кралство, Мексико, Саудиска Арабија и Индонезија“, се вели во написот на Henley and Partners.
Малтешкото издание на Индипендент пишува дека Henley & Partners е главниот заговорник и концесионер на контроверзната шема за златни пасоши на Малта.
Сличен аранжман имаат и во Црна Гора, која најави дека програмата за економско државјанство, под притисок на ЕУ, ќе биде укината до крајот на годинава. Инаку, преку оваа програма државјанство по основ на инвестиции добија над 400 странци, а најголем дел се руски државјани.
Малта, членка на ЕУ, во моментов е предмет на европски мерки поради оваа програма, иако локалната самоуправа продолжува да ја брани, велејќи дека прашањето за доделување државјанство е во национална надлежност.
Истрагата за шемата – насловена како Документи за пасоши – откри дека апликантите за „златни пасоши“ користеле лични врски за да добијат државјанство, честопати поднесувајќи сомнителни документи за да го исполнат условот.
Фото: Freepik