Toyota понудила помош на Nissan по пропаднатите преговори со Honda

По пропаднатиот договор со Honda, Toyota наводно понудил поддршка на Nissan во време кога компанијата се реструктуира и бара нови партнери

Во светот на автомобилската индустрија, шест месеци можат да донесат драстични промени – нешто што Nissan го почувствува од прва рака. Кон крајот на минатата година, компанијата беше во длабоки разговори за можно спојување со Honda, со изгледи дека двете јапонски гиганти ќе се обединат. Но, договорот пропадна подеднакво брзо како што и се појави, оставајќи го Nissan да се справува сам со своите предизвици.

Toyota влегува во игра?

Според извештај на Mainichi, веднаш по неуспешното спојување со Honda, Toyota се приближила до Nissan со понуда за поддршка. Иако нема официјална потврда од двете страни, ваквиот потег е сосема во стилот на Toyota, компанија позната по своите долгорочни и стратешки инвестиции во други автомобилски производители.

Toyota со децении постепено го зголемуваше своето влијание – од купување само 0,22% од Daihatsu во 1960-тите, до целосно преземање на брендот во 2016 година. Дополнително, Toyota поседува околу 20% од Subaru, како и помали удели во Suzuki и Mazda, што укажува дека таа редовно користи кризни моменти на конкурентите како можност за проширување на својата мрежа.

Nissan отворен за нови партнери, но прво следи реструктуирање

Иако Nissan не потврди никакви разговори со Toyota, извршниот директор Иван Еспиноса изјави дека компанијата е отворена за нови партнери, но во моментов е фокусирана на внатрешна стабилизација.

„Ова е отворен процес на ревизија. Ги разгледуваме сите потенцијални партнери што можат да донесат дополнителна корпоративна вредност на Nissan,“ изјави Еспиноса за време на презентацијата на новиот план за преструктуирање.

Амбициозен план за заздравување

Планот на Nissan вклучува низа драстични мерки:

  • Отпуштање на 20.000 работници низ глобалната мрежа,

  • Намалување на трошоците по работен час за 20%,

  • Намалување на сложеноста на деловите за 70%,

  • Скратување на бројот на платформи,

  • Затворање на 7 од вкупно 17 фабрики ширум светот.

Целта е јасна – враќање на профитабилноста и конкурентноста во време кога глобалниот пазар е под огромен притисок од електрификацијата, технолошките промени и економската неизвесност.

Преземено од Автоплус.мк