
Доналд Трамп објави нови царини од 25% за увоз на автомобили и автоделови во САД, потег кој би можел да ја прошири светската трговска војна. Тој кажа дека новите царини за автомобили ќе стапат во сила на 2 април, а за автоделови во мај или подоцна.
„Оваа мерка ќе доведе до неверојатен раст на автомобилската индустрија и ќе ги зголеми работните места и инвестициите во САД“, кажа Трамп.
За разлика од него, екепертите сметаат дека царините ќе доведат до привремено затворање на значајно производство на автомобили во САД, зголемување на цените и до заострување на односите со сојузниците.
Америка увезла околу осум милиони автомобили лани, во трговија вредна 240 милијарди долари. Речиси половина од продадените автомобили биле увезени. Мексико е најголемиот странски снабдувач со автомобили на САД, по што следуваат Јужна Кореја, Јапонија, Канада и Германија. Многу американски компании работат во Мексико и Канада според условите од долгогодишните договори за слободна трговија помеѓу трите земји.
Белата куќа кажа дека новата мерка нема да се однесува само на готовите автомобили, туку и на автоделови, кои обично се увезуваат од други држави, по што се составуваат во САД.
Како реакција на одлуката на Трамп, акциите на „Џенерал моторс“ паднаа за 8%, а во Азија, вредноста на акциите на „Тојота“, „Хонда“ и „Хјундаи“ се намалила за 3% до 4%. Илон Маск се пожали дека новите царини ќе ја погодат и „Тесла“, која увезува некои автоделови од странство.