
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека размислува за воведување дополнителни царини од 200% за увоз на фармацевтски производи и 50% за увоз на бакар, со надеж дека во тие сектори ќе се отворат повеќе домашни фабрики.
– Наскоро ќе објавиме нешто за фармацевтските производи. Ќе им дадеме на луѓето една година, една и пол година да дојдат тука, а потоа ќе имаат царини – рече Трамп на состанок на неговиот кабинет.
Бакарот и фармацевтските производи се меѓу секторите за кои Доналд Трамп се закани со специјални дополнителни царини, заедно со полупроводниците и градежните материјали. Во својот втор мандат, Трамп веќе воведе царини од 50% за увоз на челик и алуминиум, во обид да ја поттикне реиндустријализацијата на САД.
Тој планира да подигне дополнителни царини почнувајќи од 1 август за дополнително да го казни извозот од десетици земји кои имаат трговски суфицит со САД.











