Транспарентноста е витамин Т во борба против корупцијата

21
1
Даниел Гордон, Постар советник на програмата за јавни набавки при Универзитетот Џорџ Вашингтон, САД

Даниел Гордон е постар советник на програмата за јавни набавки на правниот факултет на Џорџ Вашингтон Универзитетот во САД. Пред да се приклучи на оваа истакната образовна институција во јануари 2012 година, тој бил администратор на федералната политика за набавки, позиција на која бил номиниран од страна на претседателот Барак Обама, а истата била потврдена од Сенатот.

Даниел Гордон соработувал со многу американски, странски и меѓународни ентитети со цел подобрување на политиките, практиките и обуките за набавки, вклучувајќи ги федералните агенции, Светската трговска организација, Комисијата на Обединетите нации за меѓународно трговско право и Светската банка.

Со г-динот Гордон разговаравме при неговата посета на Скопје, на покана на Американската стопанска комора во Македонија, во соработка со амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија.

БИ: Што претставуваат јавните набавки и кои се нивните цели?

3Јавна набавка е купување на стоки и услуги од страна на Владата. Тоа може да биде централната власт, локалната власт, градска општина… Стоките и услугите вклучуваат сè, од воена опрема до пенкала и хартија.

Услугите можат да бидат и одредени јавни работи, како на пример изградба на патишта, мостови… сето тоа спаѓа во јавни набавки.

Еден од најголемите проблеми со јавните набавки е дека истите се под голем притисок кој доаѓа од различни страни, а тоа се должи на конкурентските цели. Целите можат да бидат различни. Некои луѓе се многу фокусирани на заштеда на пари, некои на добар квалитет, но тие две работи не одат заедно. Ако сакате висок квалитет, мора да одвоите повеќе пари. Има и такви кои со јавните набавки имаат за цел да ја зајакнат домашната индустрија, тоа важи за секоја земја, било да е тоа САД, Боливија, Кина, Македонија…

Многу луѓе ќе ви кажат дека најважна работа кај јавните набавки е транспарентноста и одговорноста. Други мислат дека најважна работа е брзото дејствување, затоа што ако сакате да купите одредени стоки, услуги или да изградите патишта, не може да чекате со години, тоа мора да се заврши што побрзо. Тие конкурентски цели ги ставаат државните службеници под голем притисок.

БИ: Според Вашето искуство, кои се предизвиците со кои се соочуваат државните службеници при спроведување на јавни набавки?

Прво, тука е притисокот од различни страни – од луѓето кои мислат дека државните службеници работат многу брзо и дека поради тоа постои ризик за корупција, од оние кои мислат дека работат премногу бавно и не ја завршуваат работата во одреденото време. Во многу земји нема доволно кадар, па оние кои ја имаат таа функција често се преоптеретени и не се во состојба да ја извршат работата како што треба.

Исто така, чест и голем проблем во многу земји е тренингот/обуката. Владата постојано донесува нови закони, а со тоа доаѓаат нови и нови обуки и државните службенци едноставно не можат да постигнат да научат сè, да се носат со брзите промени.

Тренингот е особено важен поради новитетите во технологијата. Во многу земји, па и во Македонија, се случија големи промени со користење на интернетот за јавни набавки, или како што ние го викаме е-набавки. Системот на многу начини е подобар, побрз, потранспарентен, но бара пообемна обука на државните служеници.

2

БИ: Кои се типичните предности и слабости кои сте имале можност да ги детектирате во системите за јавни набавки во земјите во развој?

Најголемиот проблем, корупцијата, не се однесува само на земјите во развој. Корупцијата е присутна во секоја земја. Доколку службените работници не работат професионално во служба на Владата, постои ризик да купат стоки или услуги на корумпиран начин и за корумпирани цели.

Корупцијата е опасност број еден. Останатите веќе ги споменав, недостаток на кадар и недостаток на обука.

БИ: Колку е важна транспарентноста при постигнувањето на целите на јавните набавки?

Транспарентоста е многу важна, но зависи од целите. Ако сакате да купите брзо или се фокусирате на висок квалитет, транспарентноста не е толку важна. Но, доколку сакате да купите нешто за помала цена, транспарентноста може многу да помогне, затоа што полесно ќе можете да споредувате цени. Но, секако таа е најважна кога станува збор за корупцијата. Затоа јас често велам дека транспарентноста е витамин Т за борба против корупцијата.