Треба да имаш визија за да бидеш претприемач

78
naslovna
Оливера Костовска, основач на Laundry Cafe

Оливера Костовска е девојка која имаше идеја, а сега води бизнис. Од 2015 година, Оливера го води првото Laundry Café во Скопје, место за перење, сушење и пеглање на облека. Таа идејата ја добила додека била во САД, на културна размена и реши истото да го преслика и во Македонија. Со Оливера зборувавме за предизвиците со кои се соочуваат младите со желба и идеја, што значи да си млад претприемач…

БИ: Што е Laundry Cafe?

Место каде што може да си ја исперете вашата облека самостојно, да ги користите машините за перење, сушење и пеглање, а додека чекате може да ги користите кафе услугите на Лондри или да читате книга, интернет и сл.

Доколку немате време, слободно можете да ја оставите облеката во Лондри Кафе, а персоналот ќе се погрижи да ја добиете облеката чиста назад.

1

БИ: Во 2014 година ја претстави твојата идеја на Smart Up конференцијата. Колку од тоа што го планираше и замислуваше тогаш, функционира сега во реалност?

Многу од планираните работи се изменија. Секој претприемач на хартија планира дека производот, односно услугата многу полесно ќе се продава на пазарот. Во текот на работењето многу трошоци произлегоа од самото работење, кои што не сме ги знаеле во моментот на планирање. Веднаш се воочуваат работите кои што треба да се докапитализираат во бизнисот, а претходно не сум ги размислувала т.е. планирала.

Не е лесно да си претприемач. Треба да имаш визија, секој ден да внесуваш креативност во бизнисот. Многу е битна поддршката од најблиските за да не се падне психички, затоа што целиот товар правно и економски е на самиот претприемачот.

БИ: Колку младите луѓе со идеи имаат пристап до финансии за нивно реализирање? Дали Laundry Cafe е твоја инвестиција?

Видете, вистинските работи доаѓаат во вистинско време. Јас година ипол чекав за да го направам овој чекор. Но, сметам дека едноставно во овој дел нема правило и дека треба да се почне да се работи веднаш. Доколку добро сте истражиле и направиле финансиски конструкции и доколку производот или услугата решава одреден проблем во општеството, единствено правилно нешто е да се почне. Ништо не се случува преку ноќ. It takes a drop of water to create an ocean. Јас се пробивав, пичирав пред инвеститори, наоѓав начини за да го започнам сето ова и ете се случи, со помош на грантот за самовработување.

3

БИ: Што е за тебе претприемач?

Човек со визија. Човек којшто сака да внесува новини и креативност во работењето, во општеството. Човек кој би ја вложил целата своја заштеда во нешто во што верува дека ќе успее на пазарот. Човек кој што е спремен да вложи напор и труд 24/7 во бизнисот, да се посвети. Да не се срами да ги работи сите функции во бизнисот. Не се плаши да започне бизнис којшто не е сроден на работите со кои професионално се занимавал претходно. Човек чиј склоп на размислување е насочен кон развој и развивање на бизнис концепти.

БИ: Кои се предизвиците со кои се соочуваат младите претприемачи?

Најпрво средства. Младите имаат визија и се креативци, меѓутоа во моментот кога ќе се пресмета дека за одреден бизнис се потребни 10.000-15.000 евра, а некаде и повеќе, тогаш како да се откажуваат, креативноста опаѓа и сакаат да влезат некаде на сигурно.

Можеби и знаење или претходно работно искуство е нешто што недостига кај младите претприемачи. Мој совет е некои работи да ги прават паралелно. Развој на бизнис концепти, планови, истражување и паралелно работење некаде за да знаат како се заработуваат пари, да ја шират својата мрежа на познанства, да учат, со цел утре тие работи да ги имплементираат во својот бизнис.

2

БИ: Препорака, совет до креативните луѓе што се плашат да ризикуваат?

Доколку станува збор за прв бизнис, топло им препорачувам да почнат со партнери од доверба, затоа што може да стане премногу тешко пред да биде слатко. Јас сакав да имам партнер во сето ова, за поделба на ризикот, за меѓусебна поддршка, за внесување на повеќе идеи, два мозока подобро размислуваат од еден, меѓутоа тоа не се случи. Моја топла препорака е да размислат за вклучување на партнер во нивниот прв бизнис.

Едноставно да почнат. Почнување значи и детално истражување на пазарот. Да истражуваат можности за финансирање преку разни организации. Да не се плашат да се консултираат со други претприемачи. Да не се плашат да ризикуваат година/две од својот живот во развој на нивнисте бизнис идеи, како и средства, пари. Сето тоа е искуство што се цени секаде.