
На Холандија во моментов ѝ недостигаат 401.000 станови за да ги задоволи потребите за домување на граѓаните, што е за 11.000 повеќе отколку во 2023 година, покажуваат најновите податоци на истражувачката агенција АБФ.
Недостатокот на станови во Холандија е во пораст веќе три години по ред, а Холандија сè уште има значителен број семејства кои делат дом со други луѓе и млади возрасни кои сè уште живеат со своите родители, пренесува NL Times.
Како што е наведено, недостигот од 401.000 станови е еквивалентен на 4,9 отсто од сегашниот станбен фонд на Холандија.
„Недостатокот на станови е сè уште голем како и секогаш, а тоа ги запре животите на многу луѓе. Мораме да почнеме да градиме за луѓето кои сакаат дом“, рече холандската министерка за домување и просторно планирање, Мона Кејзер.
Според неа, холандската влада сака да гради 100.000 нови станови секоја година.
Цените на станбените недвижности во Холандија оваа година би можеле да се зголемат за седум до девет отсто, а следната година за уште четири отсто, покажува најновата прогноза на холандската банкарска групација ИНГ, пренесува Танјуг.












