
Трговската размена меѓу членовите на групата БРИКС достигна еден трилион долари, или 930 милијарди евра, објави во четврток претставникот на рускиот претседател за меѓународна економска соработка и извршен директор на Рускиот фонд за стабилизација (РДИФ) Кирил Дмитриев.
„Ова значајно достигнување потврдува дека економските врски меѓу членовите се продлабочуваат и дека групата БРИКС игра сè поважна улога во преобликувањето на структурата на глобалната економија“, нагласи Дмитриев.
„Продолжуваме да ги зајакнуваме економските врски, меѓу другото, преку Деловниот совет на БРИКС, како што побара рускиот претседател Владимир Путин“, додаде претставникот за меѓународна економска соработка.
Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела на пленарната сесија на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург извести дека вредноста на размената надминала еден трилион долари.
Според соопштението за медиумите од состанокот на министрите за трговија на членките на БРИКС, одржан кон крајот на мај во Бразил, Бразил, Јужна Африка, Саудиска Арабија, Кина, Египет, Обединетите Арапски Емирати, Етиопија, Индија, Индонезија, Иран и Русија денес сочинуваат една третина од светскиот БДП и 24 проценти од меѓународната трговија.
Вредноста на трговијата меѓу членките на БРИКС пораснала за 9,2 проценти годишно од 2008 до 2024 година, пресмета консултантската фирма „Андаман партнерс“ во извештај објавен на почетокот на јуни, скокнувајќи од 169 милијарди долари на речиси 700 милијарди долари.
Извозот во рамките на групата нагло се зголеми во 2022 година и оттогаш е во тренд на пораст, објави Хина, што одразува продлабочување на економските врски првенствено поради санкциите што ги воведоа членовите на Г7 врз Русија и континуираните тензии во односите меѓу САД и Кина.
Кина и Индија го зголемија увозот на ресурси и минерали од Русија, Бразил и Јужна Африка, а Кина почна да извезува повеќе електронски уреди, хемикалии и индустриски стоки, според „Андаман партнерс“.
Во 2023 година, вкупната вредност на извозот на стоки од членките на БРИКС изнесуваше 5,8 трилиони долари, што одговара на речиси една четвртина од вкупниот светски извоз, според пресметките на „Андаман партнерс“. Во 2012 година, таа изнесуваше 3,2 милијарди долари, велат тие.
Фото: Pixabay