Три македонска компании од млечната индустрија добија дозвола за извоз во Руската Федерација по направените контроли од страна на Службата за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Русија Россељхознадзор, пишува Миа.
Станува збор за компаниите Здравје Радово со двата производни погона во Куманово и во Радово, Балканска млекара од Скопје и Бучен Козјак од Куманово.
“За нас ова претставува отворање на нови можности за извоз на македонските производи во Руската Федерација. Овие три компании кои имаат шанса за извоз, може да извезуваат и на територијата на Евроазиската царинска унија каде се вклучени Казахстан и Белорусија, како и новите две земји Киргистан и Ерменија“, истакна денеска извршниот директор на Македонско – руската стопанска комора, Дејан Бешлиев.
Од Македонско – руската стопанска комора се надеваат дека ова ќе значи зголемување на бизнис плановите на овие компании, осовременување на нивото производство и окрупнување на нивниот сточен фонд.
Со инспекцијата на Россељхознадзор беа опфатени уште 11 компании, кај кои се забележани извесни недостатоци и тие имаат рок од 60 дена да ги поправат забелешките со што би им се отвориле можностите за извоз.
Во однос на прашањето за склучување договор за слободна трговија со Руската Федерација, трговскиот советник при Руската амбасада Кирил Бобров истакна дека чекаат да биде испратено официјално барање до Евроазиската царинска унија.
Во насока на унапредување на трговската соработка и годинава Македонско – руската стопанска комора организира учество на македонски компании на саемот Светот на храната, што ќе се одржи од 13 до 17 септември. Македонија шеста година по ред ќе учествува на саемот, а годинава македонските производи ќе ги претстават 12 компании. Во рамки на саемот ќе бидат организирани и две средби со бизнисмени од Москва кои се заинтересирани за воспоставување на соработка за увоз на овошје и зеленчук, како и со претставници на Россељхознадзор. Досега, на овој саем се имаат претставени вкупно околу 40 македонски компании.