Три совети за успех, откако ќе ја напуштите работата

124

Во 2021 година, многу луѓе во САД доброволно ги напуштија своите работни места. Економскиот тренд започна на почетокот на годината и продолжува и сега. Познато е како „Големата оставка“, „Големото заминување“ и „Големото поместување“.

Само минатиот месец 4,2 милиони Американци ја напуштија работата. Идните очекувања покажуваат дека трендот ќе продолжи.

Без разлика дали сакате да ја промените патеката во кариерата, да станете претприемач или да се обидете да се занимавате со фриленсинг, има неколку работи што ќе ви помогнат да ги процените вашите вештини пред да ја поднесете оставката.

Според Џојс Вест, консултант за развој на кариера, добрата подготовка пред заминувањето е клучна за вашиот успех.

Поставете цели и планирајте ги вашите чекори

Вест препорачува длабинска анализа на моменталната ситуација и разјаснување на вашите цели за иднината.

Запрашајте се, дали сакам да ја напуштам работата и веднаш потоа да започнам нешто ново? Дали имам финансиски средства да не работам некое време?

Не сакате да заминете непромислено и потоа да сфатите дека имате помалку средства отколку што ви треба, нели?

Непромисленото заминување исто така може да ве доведе во ситуација да дознаете дека не можете лесно да најдете нова работа.

Вест препорачува да се направи план и да се постават цели. На овој начин ќе го елиминирате стресот и можеби ќе си дадете време да се справите со „прегорувањето“ – со одење на одмор или посета на член на семејството, пишува CBNC.

Оценете се

Како консултант за кариера, Вест им помога на новите претприемачи и хонорарци да се справат со предизвиците на нивното патување. Една од нејзините најпопуларни работилници ги води нејзините клиенти низ седум проценки на личноста кои ги откриваат нивните идеални работни средини, стилови на учење и особини на личноста.

Вест препорачува користење на некои алатки за самооценување. На пример, „PrinciplesYou“ од Реј Далио или „Clifton Strengths Finder“. Може да го проучувате икигаи – јапонски начин на размислување кој ќе ви помогне да ја разберете вашата цел.

Според Клифтон, треба да ги измерите вашите силни и слаби страни и потоа да ги подредите во неколку категории: стратегија, извршување, односи и влијание.

„Кога ја направив оваа самооценка, открив дека од моите десет најсилни особини, само една спаѓа во категоријата „изведба“, вели Вест. Таа имала и пет квалитети во категоријата „стратегија“. Вака успева да објасни зошто има проблеми да ги почитува роковите.

Работете на вашата мрежа на контакти

Според Вест, една од „најтешките“ работи кога луѓето ги проценуваат своите вештини по заминувањето е тоа што понекогаш сакаат да направат драстична промена и можеби се делумно квалификувани за тоа.

Тука стапува во игра мрежата на контакти.

Без разлика дали барате нова позиција како вработен или започнувате сопствен бизнис, контактите се одлична алатка која ќе ви помогне да успеете.

Важно е кого знаете. Кој ќе ви помогне да бидете поканети на интервју? Кој ќе ви овозможи пристап до нешто за што не изгледате квалификувано на хартија?

Најдете го вашиот ментор. Оваа задача може да биде толку лесна како да се обратите до пријател. Користете ги социјалните мрежи за да најдете некој што работи или е поврзан со вашето поле на интерес.